Драги другарчиња, наближува празникот Велигден, а вие сигурно веќе сте ги засукале ракавите и одвај чекате да ги примените идеите за вапсување велигденски јајца. Па ги меркате и ги споредувате по големина, претпоставувајќи кое јајце би било кршаче и би ви го донело првото место во најголем број скршени јајца со другарчињата и со вашите најблиски во семејството.
Додека сè уште сте под влијание на празничната еуфорија, решив да ви споделам една приказна со сличен мотив. Во неа главен лик е едно огромно, шарено јајце кое од немајкаде се најде на улицата на една весела дружина.

„Чудно, не беше време за Велигден,
но нешто што изгледаше како огромно,
шарено велигденско јајце некако
се најде на улицата.
Можеби велигденското зајаче
го изгубило, патувајќи до некоја друга
земја каде што слават Велигден в лето?“

Ана, Лука, Дени и Оливер се чудат што би можело да има во тоа чудесно јајце. Што ако во него се крие живо суштество кое во секој момент очекува да ја види светлината на денот?
Хм, тоа, пак, отвора друг проблем. Можеби на тоа суштество внатре му е потребна мајчина топлина додека да излезе од јајцето? Кој би можел да биде заменска мајка?

„Џеси е мека и топла и може да биде прекрасна мајка…
ама таа е толку голема што ќе го скрши кутрото јајце.
Мацко ќе биде совршен!
Тој е мрзлив и поголемиот дел од времето само спие…“

Додека Мацко си ја вршеше доделената задача, седнати во круг децата погодуваа што би можело да се крие во мистериозното јајце.
Џиновска кокошка која несе чоколадни јајца?! Бебе диносаурус? Можеби моќен змеј?! Или волшебна птица со вонземски глас? Малечко, слатко розово слонче со кое Оливер би си играл по цел ден!?
Потонати секој во својата фантазија, децата предоцна забележуваат дека на смотаниот Мацко јајцето му се стркала по надолнината на улицата во правец кон куќата на бељаџијата Хуго. Каква радост за еден пакосник! Хуго го дочека јајцето на волеј и толку силно го шутна, така што секое од четирите другарчиња со подзината уста чекаше да види што ќе се покаже од внатрешноста на јајцето кога ќе тресне на земја. Само Оливер ги покри очите да не види што ќе излезе однатре… Се чу олеснувачки воздив и смеа од другите деца…
Сигурно ве копка какво изненадување ги пречека децата… Нема друг начин како да дознаете освен да си ја прочитате оваа прекрасна илустрирана приказна за јајцето-дојденец во улицата на Ана, Лука, Дени и Оливер. Да не се скржавам, ќе ви откријам дека ова не е единственото јајце во приказната и ќе се покаже дека ги има многу повеќе. Шарени, големи и мистериозни 
Патем, ако немате идеја како да го нацртате омиленото велигденско јајце, преку оваа книга сигурно ќе добиете инспирација.
Не чекајте, ете кај е Велигден.



912

X