Иако царскиот рез е породување што е често колку и природното, се создаваат дискусии за тоа дали тоа е полесен или помалку болен начин на породување. Тие многу често се насочени кон идни родилки кои би избрале операција, царски рез, поради страв од болки од природното породување.
Рај Ли од Мисури на својот фејсбук-профил објави нецензурирани фотографии од нејзините лузни по царскиот рез како одговор на често неинформираните, невнимателни и груби коментари од другите луѓе.
Во нејзиниот вирален пост таа иронично им се обраќа на луѓето: – Царски рез? Значи повторно не роди. Сигурно ти беше мило што се извлече на полесниот начин.
Ах, да, мојот итен царски рез беше полесниот излез. Навистина не беше тешко да бидам во болки 38 часа пред породувањето да се искомплицира и срцето на моето бебе буквално да застане со секоја моја болка – пишува таа.
Оваа мајка објаснува дека немала друг избор и морала да оди на царски рез за да го спаси животот на своето бебе, но бидејќи оваа голема операција била „полесен избор“, породувањето не било „ништо посебно тешко“.
– Погрешно! Ова е сарказам. Ова беше најболното искуство што го доживеав во животот. Сега сум една од моќните мајки со лузна. Со мало сечење на стомакот од мене извлекоа живо бебе, а пред тоа ги исекоа слоевите на кожата, масното ткиво, мускулите и органите за да стигнат до бебето, нешто што беше сосема различно од тоа како замислував дека ќе изгледа раѓањето на мојот син – пишува мајката.