Сезоната на празници е во тек, а писмата до Дедо Мраз веќе се напишани и веројатно веќе имате на ум што вашето дете ќе најде под елката.

Но, дали сте размислувале за тоа што вашето бебе навистина сака за празниците?

Духовитата мајка и стендап-комичарка Ракел Апик напиша одлично писмо за Дедо Мраз од перспектива на нејзиното 10-месечно бебе.

Ви го пренесуваме:

„Драг Дедо Мраз,

Јас сум 10-месечно бебе и пишувам бидејќи мајка ми ти испрати писмо, но нејзиното писмо на никој начин не ги претставува работите што навистина ги сакам. Воопшто не ми е гајле за дрвените коцки!

И знам дека сега ќе се шегуваш дека сè што сакаме ние бебињата се хартија за виткање и кутија. Вистина, Дедо Мраз, вистина. И ги сакаме тие работи. Но имаме и неколку други што навистина ги сакаме. Мојата листа е во продолжение. Уживај во празниците.

1. Кабел од лаптоп

Го сакам овој кабел повеќе од нешто што сум сакала некогаш. Исто така, сакам продолжен кабел со портокалово копче што може да се пали и гаси. Би било добро и ако добијам неколку обични кабли, но би ги сакала оние специфични што се наоѓаат зад работната маса на мојата мајка и покрај вентилаторот (чиј кабел исто така многу го сакам).

2. Овој ѕиден забавен центар

Фото: Huff Post

Не знам зошто мама не сака да си играм со ова кога очигледно станува збор за детска играчка. Би сакала едно вакво во својата соба.

3. Вистински клучеви

Би сакала сет од клучеви, но вистински. За јадење, секако – само метални доаѓаат предвид. Те молам, немој да купуваш пластични. Не сум идиот. Знам дека пластичните клучеви не се вистински клучеви.

4. Очила

Кога ќе видам дека некој носи очила, му ги симнувам. Би сакала еден мој пар, исто така, за јадење.

5. Содржината од овие работи

Фото: Huff Post

Би сакала кога содржината на оваа работа ќе се испразни на под, особено работи како искористени крпчиња, забни конци и слични ситници. Ако само ја испразниш кантата за ѓубре и така ми ги завиткаш остатоците, тоа би било во ред.

6. Рака полна со влакна од кучето

Ова е одличен подарок! Се обидувам на нашето куче постојано да му кубам влакна, но секогаш се извлекува и ми е тешко да соберам солидна колекција. Мојата омилена работа е да го ставам влакното в уста и во истиот момент сфаќам дека не сакав да го ставам в уста.

7. Дупка на подот

Ова е чудна егзистенцијална дилема. Со часови гледам во дупката во паркетот и ја боцкам со прстите. Знам дека за подарок не можам да добијам дупка. Дупката не е предмет, не сум глупава. Но, ја сакам дупката на подот како што Ганди сакаше мир. Како што нашето куче сака да ми го лиже лицето. Како што мојата мајка сака да престанам да ѝ ги вадам очилата.

8. Овие работи, кои ги има насекаде низ нашиот стан

Фото: Huff Post

Воопшто не знам што точно е ова. Сè што знам е дека сакам да го имам во рацете и да го ставам в уста, а не постојано мајка ми да се појавува и секојпат да вика: „Не допирај го тоа! Колку често морам да го метам овој проклет ходник?“

9. Кучешка храна

Секогаш кога ќе ѝ се приближам на оваа храна, некој ме повлекува. Ако не сака да ја јадам, тогаш зошто е на подот?

10. Едно вакво

Фото: Huff Post

Воопшто не знам што прави ова, но јасно е дека е многу забавно, со оглед на тоа што мама не престанува да гледа во него.

Извор



912

X