Нашите родители не нѐ носеа во аквапаркови, музеи на илузии, качувања по карпи, не возевме велосипеди по кеј и ред други работи. Ние сме сега многу поинволвирани како родители, а нè чекаат и работните обврски. Една од умешностите на животот е да научиш како сето тоа да го организираш

Да се работи специфична професија во која се грижиш за безбедноста на илјадници авиопатници е многу повеќе од стрес. А за тоа да го изменаџираш со посветеноста на семејството и на втората љубов – музиката, безмалку треба магија. Но, не и за Наташа Мијат Крстевска. Таа е контролор на летање на скопскиот аеродром, пејачка со кариера, авантурист и, како што вели, пред сè, посветена сопруга и мајка на 7-годишниот Калин и 5-годишната Никита. Вели дека не ѝ треба магија оти клучот за добра организација го нашла во помошта од најблиските, во својот младешки дух и во љубовта.

– Немаме шаблон на функционирање. Секој ден ни е различен и во тоа има многу убавина. Работам во три смени. Ако сум попладне на работа, наутро ги подготвувам децата за училиште и градинка. Сега, на почетокот на учебната година, Калин нема ужина во училиштето, па му ја подготвувам дома. Ако сум прва смена, од работа со трчање одам да ги земам и одиме на тренинзи зашто сите сакаме да сме спортски активни. Кога сум ноќна смена, ги испраќам децата, па си легнувам, зашто тоа што го работам е максимално одговорно и нема простор ни за најмала грешка – вели Мијата.

Работата треба да ти одговара на карактерот

Да се биде контролор на летање значи постојано да се биде одговорен за безбедноста на илјадници патници, членови на екипажите… Таа работа подразбира директна комуникација со пилотите на авионите што полетуваат, слетуваат или прелетуваат над Македонија. Контролорите на летање се грижат за безбедноста на воздушниот сообраќај и ги водат авионите согласно нивниот план за летање. Според некои параметри, оваа професија е една од најстресните, но ако си обучен и за најтешките мигови, тогаш менаџирањето на стресот е само рутина. – Тоа што сум контролор на летање ми го негува младешкиот дух, вели Мијата.
– Како е да се биде контролор на летање – ова прашање деновиве ми е многу актуелно зашто на работа имаме конкурс за оваа професија и постојано ми го поставуваат младите кандидати кои опипуваат дали контролорската професија е за нив. Едноставно, оваа работа треба да ти е погодена на карактерот. Мене не ми е напорна работата, канцелариска или шалтерcка би ми била далеку понапорна. Понекогаш знае да биде стресно, но на тренинзите се обучуваме за тие пикови. Кога ќе споиш некои свои карактерни особини со професијата, тогаш нема никакви тешкотии. Впрочем, како и во секоја професија – објаснува Мијата.

 

Кога ќе ме опомени сопругот дека го разгалувам Калин, веднаш ретерирам, вели Мијата

Музиката ми е вечна љубов

Мијата ја знаеме по музиката поразлична од другите, по специфичните настапи и спотови. Тоа е нејзината втора љубов. И како кантавтор идеите ѝ се непресушни, а сега кога Никита и Калин се веќе поголеми, музичката приказна на Мијата може да продолжи.
– Работам во три смени, па токму поради овој формат на работно време имам колку-толку простор да се посветам и на музика. Порано имав повеќе слободно време затоа што семејството броеше помалку членови. Извесен период беше сосема поинаку, но сега мислам дека најкритичните години поминаа. Децата се сѐ помалку зависни од мене, што значи дека ќе можам повеќе да се активирам и на музички план. Работата дури, можам да кажам, ми помага во музичката кариера – вели таа.

„Мамо, ти нонстоп некаде одиш“

Кога работните обврски ќе завршат, Мијата си заминува дома. Тогаш продолжува да функционира во улога на домаќинка, сопруга и мајка. И додава дека со добра организација и помош, менаџирањето на сето тоа е лесно и успешно.
– Не само јас. И мојот сопруг има специфично работно време, но со добар план, организација, посветеност, помош од баби и тетка – успеваме. Вистина е дека кога траеше кампањата за „Домаќинска“ со сите гостувања на емисии и промоции беше напорно. По една недела такво темпо, син ми, со солзи во очите, ми рече: „Мамо, ти нонстоп некаде одиш…“ – раскажува Мијата.
И навистина бил во право, не крие таа. Покрај сите ангажмани, еднаш годишно отсуствува и по 10 дена зашто мора да оди на симулаторски вежби поврзани со нејзината основна професија, но, како што вели, тоа не е ништо во споредба со други патувачки професии, како онаа на нејзиниот сопруг – спортски новинар – кој во текот на годината патува и отсуствува од дома многу повеќе од неа.

Никита е природно понежна и поженствена од мене, па така имам и јас многу што да научам и да се надградам гледајќи ја, раскажува Мијата

Детето не мора да се угледува само на родителот

Мајчинството на Мијата е специфична комбинација од основните обврски и дополнителните активности, во кои и децата, но и таа и сопругот уживаат. И сето тоа се трудат да го комбинираат со малку поинаков начин на воспитување на децата, за разлика од стандардниот. Впрочем, секое дете си има свои потреби, кои во нормални граници гледаме да им ги задоволиме зошто гледаме дека не само што уживаат во тоа, туку и мошне позитивно им влијаат нив, додава таа.
– Нашите родители не нѐ носеа во аквапарк, музеи на илузии, качувања по карпи… Не возевме велосипеди по кеј и ред други работи. Ние сме сега многу поинволвирани како родители. Порано ќе нѐ пуштеа пред зграда… и толку! Ние, на пример, се трудиме да го пуштаме синот малку во Долно Дупени за време на летниот распуст за да се оддалечи од оваа премногу стимулирачка средина и да научи и некои поинакви вредности. Воспитувањето од нас, родителите, е лимитирано. Ние се трудиме максимално што е во согласност со нашите морални уверувања и карактерни особини, но вистината е дека децата можат да одберат и други ликови да им бидат рол-модел низ животот: тренери, роднини, другари, глумци… – вели Мијата.

Сакам децата да ми бидат праведни и да не се себични

Кога се работи за родителството, во семејството Крстевски се случува постојано надополнување, учење, надградување. Не само на децата, туку и на нас, родителите.
– Многу се трудам да бидам правична и еднаква мајка кон двете деца. Но, вистина е дека се фаќам себеси дека имам поголеми очекувања од женското дете. Можеби затоа што тргнувам од себе и знам што може и што не може. Со машкото дете некако сум на непознат терен. И кога ќе ме опомени сопругот дека го разгалувам Калин, веднаш ретерирам. Вистина е дека таткото е клучен лик за развојот на синот. Истото е и со мајката и ќерката. Кај нас Никита е природно понежна и поженствена од мене, па така имам и јас многу што да научам и да се надградам гледајќи ја. Признавам, ме нервира кога децата се себични. Мислам дека пораката што треба да ја сфатат е дека не случајно имаат едниот брат, другиот сестра, такви неправдини и фаворизирање на едно дете кај мене нема. Ако се манипулираат меѓусебно, многу сум строга и не попуштам. И сакам моите деца да бидат праведни во животот – вели Мијата.

Филозофите со теоријата за табула раза изгледа не раѓале деца

Мијата е приврзаник и на теорија дека мајката во бременоста поприма од карактерот на детето.
– Филозофите со нивната теорија за табула раза очигледно не раѓале деца. Единствено ќе ги посоветувам родителите на почеток во детскиот развој децата повеќе да гледаат содржини на македонски јазик отколку на англиски затоа што е многу подобро за да се развие говорниот апарат за македонски. Така и би се намалила потребата од логопеди подоцна – порачува таа.
Среќата на децата е најважна, а таа доаѓа од среќно и исполнето семејство, додава Мијата, и вели дека за тоа посебен рецепт нема. Само мала тајна како секојдневието да го исполниш со многу љубов за најблиските и за она што го работиш.



912

X