Насилството над децата и шлаканицата како „воспитна“ метода и денес се распространети. На овој проблем се осврнува познатиот руски психолог Михаил Лабковски, кој открива дека детето што трпи удари во животот има само две патеки по кои може да тргне.

„Ако вам тоа уште не ви е јасно и очигледно, сакам да ви објаснам зошто не треба да ги тепате своите деца. Кога сме под стрес, на пример, нешто што нè загрозува ментално или физички нè повредува, група таканаречени глукокортикоидни хормони се ослободуваат во крвта. Тоа се познатите хормони на стресот. Но, овој процес е всушност многу посложен отколку што изгледа и многу време е потребно за телото да го „одработи“. Кога децата се во близина на родителите, особено мајката, кај која чувствуваат заштита, овие хормони мируваат, односно не се ослободуваат во крвта. Но, ако самиот родител стане извор на стрес, детето до одредена возраст нема да го смета физичкото насилство како нешто опасно за него. Затоа не доживува стрес и не забележува дека нешто не е во ред. Проблемот се јавува кога децата ќе пораснат. Лицето што верува дека агресијата и насилството се сосема нормален и составен дел од животот, има само два можни пата – да стане агресор или „доброволна“ жртва.

Да се тепа детето значи да се запечати неговата судбина, која тешко дека ќе заврши убаво. Ќе биде злоупотребувано и ќе молчи бидејќи ќе верува дека тоа е нормално или тоа ќе биде агресорот кој ќе тепа, повторно бидејќи мисли дека е нормално, поради што ќе може да заврши и во затвор. Ако сте биле изложени на физичко насилство во детството и едноставно не можете да не го удрите своето дете, или и самите верувате дека во тоа нема ништо лошо, ве молам консултирајте се со психолог.

Не игнорирајте, не превртувајте со очите. Ова е многу важна тема. И не смее да биде табу“.



912

X