Рускиот психолог Михаил Лабковски отворено ги советува жените како од мажите да направат совршен сопруг и татко на нивните деца

Во животот и во праксата сум запознал неколку добри татковци. Мажите не се предодредени да бидат добри татковци. Тоа дури им е и малку неприродно. Тие се поинакви. Татковскиот инстинкт е мит. Во секој случај, тие не се раѓаат со тоа. Татковците ги сакаат децата со друштвена љубов: врзани се за нив бидејќи постојано им се пред очи, бидејќи со нив поминуваат многу време. Дури и ако се присилени. Добриот татко е производ на добра стратегија. Не е тешко да се стапи во брак и да се родат деца – најтешко е од мажот да се направи добар сопруг и татко.

Пред да забремените, дознајте дали вашиот партнер е подготвен за брак, деца и семејство. Само во тој случај можете да се потпрете на него и да ја поделите одговорноста за децата. Ако мажот не е подготвен, тогаш залудно е, на него нема да можете да се потпрете никогаш.

Да се потсетиме на советот на доктор Спок: „Кога ќе излезеш од родилиштето, стави го детето во рацете на сопругот и оди на маникир. Исцрпена си? Не е важно, заврти се и посвети се на себе!“ Мислам дека ви е јасно што сакал со ова да каже познатиот педијатар. Зошто жените ги оттргнуваат своите сопрузи од креветчето на бебето со зборовите: „Овде сѐ мора да биде стерилно!“ или „Немој да го пуштиш бебето!“, или кога тоа ќе почне да плаче „Јас ќе одам, само јас можам да го смирам…“

Потоа доаѓаат мајката, бабата, сестрата, свекрвата и мажот не може да дојде до сопственото дете. Така, помеѓу детето и таткото се создава дистанца која води кон отуѓување. Се верувало дека таткото не е корисен во воспитувањето на детето од првата до третата година. Тоа значи дека ги пропуштил заспивањето, гушкањето, првите чекори, првото возење со велосипед… И кога детето ќе наполни три или пет години, моментот поминал. Потоа таткото тешко може да се поврзе со детето.

Ќерката на познатиот писател Лев Толстој еднаш рекла дека нејзиниот татко им се обратил ним, на децата, дури кога наполниле 20 години. Ова се неколку совети за жените:

– Ако детето не спие, нормално е човекот кој те сака да дојде до него и да се обиде да го смири. Најважно е во тоа да не го спречуваш, никогаш не одбивај ја понудената помош.

– Вашиот сопруг мора активно да се вклучи во негата на детето. Отфрлете ја целата друга помош, но вклучете го сопругот.

– Бањање – таткото мора да помогне околу таа активност, без разлика колку добро вие го правите тоа.

– Прошетки со бебето – кога таткото доаѓа од работа, дајте му го бебето и кажете му: Јас сега подготвувам вечера, ве чекам дома за околу два часа.

Сите овие активности можат да се прават заедно или наизменично. Оставете го детето насамо со таткото, едноставно смислете некоја обврска и оставете ги да поминат време заедно. Нема ништо неодговорно и лошо во тоа: запомнете – вие го воспитувате вашето дете, го спасувате семејството и заедничката иднина.

Изговори:

Многу денешни татковци растеле без татко покрај себе. Некои работеле премногу, други биле алкохоличари, некои незаинтересирани за децата итн. Поради тоа, денешните татковци имаат проблем да ја вршат добро таа функција. Немале добар пример. Но, доволно е само да вежбаат. Нека поминуваат што повеќе време со децата и ќе научат. Некои велат дека тие заработуваат пари, па не можат да се грижат и за децата, но тоа се изговори. Самите тие сакале деца. Единствен начин за детето да не порасне во лице со недостиг од внимание и комплекси е покрај себе да ги има и мајката и таткото, кои ќе му бидат посветени. Најлошо е кога таткото е лицето што се користи за заканување на децата, кога тие создаваат слика за страшен човек кој може да им наштети. Тоа е многу лоша тактика. Таткото и децата мора да имаат однос полн со љубов и разбирање, исто како и мајката и децата. Таткото не смее да служи за застрашување на децата.

Уште една лоша работа кај татковците е љубомората. Кога бебето ќе се роди, мајката му го посветува целото внимание. Таткото што е емотивно неразвиен и несигурен ќе почувствува љубомора. Жената не смее да ја занемари улогата на сопруга, но таа мора 100 проценти од своето време да биде мајка. Тоа не е едноставно, но може да се постигне кога постои пријателски однос помеѓу сопружниците.


Совети за таткото:

– Не женете се и не правете дете ако не сте подготвени.
– Работете на себе: учете како да давате и да примате љубов, научете да ги изразувате вашите чувства.
– Ако сакате да имате вистински и добри односи со своите деца, не чекајте да наполнат 15 години. Бањајте ги, облекувајте ги, хранете ги итн.
– Научете да играте со своите деца. Не воспитувајте деца врз основа на вашите очекувања. Не наметнувајте им ги нештата што вам ви биле сон. Прифатете ги такви какви што се, а не такви какви што вие сакате да бидат.



912

X