Дали користите некои од следниве пораки во комуникација со вашето дете?

1. Јас се жртвувам за тебе!

2. Поминав шеснаесет часа породување за да те донесам на свет.

3. Останав со твојот татко заради тебе.

4. Нема врска! Ти само уживај си, ние ќе седиме дома.

5. Ти нè посрамоти… што ќе помислат соседите за нас!?

6. Ти ми го крена притисокот.

7. Поради тебе ќе добијам срцев удар.

Доколку родителот користи вакви комуникациски пораки кои му ги упатува на своето дете, во нивна заднина користи наметнувачко чувство на вина со цел детето да го направи она што тој го сака, на некој начин родителот го условува преку овие пораки.

Најдеструктивната форма на манифестација на вина е комплексот на жртва. Во овој случај тоа подразбира дека родителот се чувствува и зборува како жртва. Секогаш за нешто се правда. Тој користи фрази како: „јас морам“ и „јас не можам веќе“ и комбинации како: „не можам, ама морам“ или „морам, но не можам“.

Доколку често користите: „се обидувам“ – Кажувате „ќе се обидам“, што значи дека однапред не сте сигурни дека ќе успеете и ја ослабнувате родителската самодоверба (за тоа да не бидете критикувани или посочени како лош родител), се оградувате од околинскиот или социјалниот фактор.

Доколку користите фрази од типот: „јас сакам да имам дете за пример“ – Кога ова ќе го кажете, вашиот мозок разбира како однапред да се браните и верувате во неуспех, на пример: „јас сакам да престанам да пушам“, „јас сакам да ослабнам“. Изгледа како по овие фрази вашиот мозок очекува да чуе: „но“, но кога тоа „но“ ќе биде поставено, подразбира двоумењето кое вклучува чувство на страв, што всушност претставува страв од потенцијалното чувство на вина, што значи неуспех и откажување од намерата или целта.

Пораките што содржат чувство на вина, а се упатени кон дете се исклучително деструктивни и прават тоа често да е уплашено, внимателно, анксиозно поради страв од загуба, парализирајќи ги и инхибирајќи ги неговите личносни капацитети и психолошка моќ.

Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти



912

X