40 отсто од родителите во САД се „екстремно“ или „многу“ загрижени дека нивните деца во одреден момент ќе се борат со анксиозност или депресија, открива ново истражување.

Во извештајот на Истражувачкиот центар „Пју“ се вели дека менталното здравје е најголема грижа меѓу родителите, по што следува врсничкото насилство, кое ги загрижува 35 отсто од родителите. Овие грижи ги надминаа стравовите од киднапирање, опасности од дрога и алкохол, бременост кај тинејџерите и проблеми со полицијата.

Речиси две третини од испитаниците рекле дека да се биде родител е потешко отколку што очекувале, околу 41 отсто велат дека да се биде родител е заморно, а 29 отсто велат дека е стресно цело време или поголемиот дел од времето. Анкетата била спроведена на репрезентативен примерок од 3.757 родители од САД чии деца биле помлади од 18 години во 2022 година.

Ментално здравствена криза кај младите

Експертите велат дека проблемите со менталното здравје кај децата и адолесцентите вртоглаво се зголемиле во последниве години.

– Би рекла во последните 10 години, откако сум општ педијатар, видов промена и во бројот на пациенти и од сите возрасти кои се справуваат со анксиозност и депресија. А нивните родители се загрижени за овој проблем – вели д-р Кетрин Вилијамсон, педијатар и портпарол на Американската академија за педијатрија.

– Дури и пред пандемијата гледавме вртоглаво растечки број на деца и адолесценти кои се справуваа со проблеми со менталното здравје, а тоа експоненцијално се зголеми по пандемијата – додава д-р Кетрин.

Расте бројот на деца со самоубиствени мисли

Самоубиството стана втора водечка причина за смрт кај децата од 10 до 14 години за време на пандемијата, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести. Многу родители се чувствуваат беспомошни кога нивните деца имаат проблеми со менталното здравје бидејќи не знаат како да понудат поддршка во оваа област.

Кога станува збор за анксиозноста и депресијата кај децата, велат педијатрите, родителите можат да внимаваат на знаци како намален интерес или намалено задоволство за правење работи во кои претходно уживале, слаба самодоверба и промени во расположението, во апетитот или во спиењето. Исто така, експертите ги предупредуваат родителите да ги земат предвид количината и содржините на интернет што ги гледа нивното дете, бидејќи истражувањата покажале дека тоа може да има негативни ефекти врз менталното здравје.

Родителско согорување

Повеќето родители во истражувањето рекле дека родителството е потешко отколку што очекувале и дека чувствуваат осудување од различни извори.

– Наодите од овој извештај, како педијатар и родител, беа токму она што би го очекувале. Родителството е најтешкото нешто што некогаш ќе го направите, а има многу високи нивоа на стрес и замор, особено кај родителите на мали деца – велат педијатрите.

Педијатрите нагласуваат дека ниту еден родител не е совршен и дека најважното нешто што можете да го направите е да бидете тука за вашето дете.

Работата на родителите е да се уверат дека знаат колку се важни и дека имаат глас на овој свет. Секое дете ќе има свои уникатни борби, без разлика дали се тоа академски, емоционални, физички. Работа на родителите е да им помогнат на децата во областите каде што тие се борат, но уште повеќе – да им помогнат да ги препознаат нивните силни страни.

Извор



912

X