Нема родител кој барем еднаш во животот не се запрашал дали неговото дете е надарено. „Менса“, најголемото и најстаро друштво на натпросечно интелигентни луѓе во светот, издвојува дури 17 знаци кои може да укажуваат на тоа дека детето е понадарено од неговите врсници.

Неверојатно добра меморија

Способноста да се запаметат табелите, адресите или имињата на земјите на рана возраст може да биде показател за надареноста на детето, објаснуваат од „Менса“, додавајќи дека надарените деца обично се препознаваат по тоа што се способни да ги запомнат и најмалите детали кои дури и нивните родители ги забораваат. Исто така, тие располагаат со широк опсег на информации што повеќето деца не ги паметат предолго.

Рано преминување на интелектуалните пресвртници

Учењето да чита, учењето зборови или играње друштвени игри побрзо од неговите врсници може да значи дека детето има натпросечна интелигенција и му треба повеќе стимулација за да биде посреќно или позадоволно, објаснуваат од „Менса“.

Рано читање

Ако детето почне да чита малку порано од неговите врсници, причината може да биде тоа што е понадарено од другите деца во градинка или училиште.

Невообичаени хобија или интереси

Заинтересираноста за возови или филмови е многу честа појава кај децата, но ако вашето дете навистина може да разликува научна фантастика од комедија на исклучително рана возраст, можеби покажува знаци на надареност.

Нетолеранција на други деца

На екстремно интелигентните деца понекогаш им е многу фрустрирачко искуство дружењето со своите врсници, бидејќи најверојатно не можат да разберат зошто другите не можат да бидат во чекор со нив. Исто така, докажано е дека надарените деца можат да бидат почувствителни од другите, па може да се вознемират ако врсниците ги изостават или ги задеваат.

Интерес за светските настани

Свесноста за вестите и светот околу нив на млада возраст, на пример, интересот за читање весник или поставување прашања за политика на рана возраст, може да укаже на надареност кај детето. Како што објаснуваат експертите, детето на тој начин покажува дека е желно за дополнително знаење.

Поставување неверојатно високи стандарди

Надарените деца можат да бидат чувствителни на неуспех затоа што имаат тенденција да бидат перфекционисти и горди на вештините и знаењата што можат да ги постигнат, објаснуваат од „Менса“. Како резултат на тоа, тие често си поставуваат многу високи стандарди и се вознемируваат кога ќе направат грешка.

Постигнување голем успех во училиштето

Можеби на почетокот изгледа очигледно, но ако детето има натпросечни резултати на училиште, не само што ќе ужива во следењето на училишните предмети, туку може да има и повисок коефициент на интелигенција од повеќето.

Поминување време со возрасни или во независни активности

Поминувањето време со возрасните може да значи дека вашето дете е желно да учи од оние што се поразвиени од него, додека „независните“ активности кои не ги вклучуваат неговите врсници, како што се читањето и самостојното играње, може да значат дека детето е вредно и има потреба од некаква стимулација за да се чувствува подобро.

Комуникативност

Ако детето сака да зборува по цел ден, тоа може да биде знак дека неговиот мозок работи брзо и на тој начин се обидува да се вклучи во нови и предизвикувачки разговори кои го стимулираат неговото учење за нови, интересни работи.

Постојано поставува прашања

Од „Менса“ објаснуваат дека детето што поставува многу прашања се обидува да го разбере светот на повисоко ниво од повеќето, а тоа, меѓу другото, го прави многу понадарено од неговите врсници.

Учење со леснотија

Ако родителот забележи дека неговото дете ужива во решавањето на домашната задача и многу брзо го разбира материјалот, тоа може да биде еден од знаците за неговата надареност.

Развиена смисла за хумор

Ако детето може самостојно да смисли одредени шеги или да се смее на шеги кои неговите врсници можеби сè уште не ги разбираат, „Менса“ тврди дека тоа може да биде уште еден знак за надареноста на детето. Имено, тоа покажува дека добро го разбира јазикот, но и светот околу него.

Голем интерес за музика

Многу деца се музикални и заинтересирани за музика, но ако вашето дете постојано изразува желба за какви било музички активности или знае да свири на музички инструмент уште од мали нозе, нешто што неговите врсници не можат да го усвојат, тоа може да значи дека е надарено.

Желба за контрола

Во повеќето случаи интелигентните деца се обидуваат да докажат колку добро можат да направат нешто без помош од родителите. Иако секое дете има фаза кога сака да прави сè без помош, ако родителите забележат дека нивното дете сака да ја контролира секоја активност што ја прави, тоа значи дека е перфекционист, што е една од карактеристиките на надарените деца.

Смислување дополнителни правила во текот на играта

За надарените деца може да биде забавно да покажат дополнителна креативност и самостојно да смислуваат правила во текот на играта, доколку оригиналната игра не ја поттикнува доволно нивната имагинација, објаснуваат од „Менса“. Исто така, ако детето постојано инсистира на сложени игри, тоа може да биде еден од главните знаци на неговата надареност.

Исклучителна екстровертност или интровертност

Децата што се многу екстровертни и отворени, но и оние што се тивки и интровертни, можат да бидат надарени. Како што објаснуваат експертите на „Менса“, овие деца може да уживаат во учењето со другите и да имаат висока социјална интелигенција, што ги прави надарени, но може да уживаат и во читањето или самостојното учење, што е исто така карактеристика на надарените поединци.

Извор



912

X