Група медицински сестри споделиле детали од неверојатниот работен ден кога ураганот „Лора“ ја погоди Луизијана. Персоналот од болницата „Лејк Чарлс меморијал“  дал сè од себе за да ги заштити бебињата од бурата.

Медицинските сестри изјавиле дека стравот почнал уште пред да пристигне бурата, а тие морале да однесат 19 новороденчиња на повисоко ниво. Сестрите и терапевтите работеле заедно за да ги пренесат новороденчињата во побезбедна зграда. Бидејќи бебињата биле приклучени на сите видови машини и монитори, можете да замислите колку комплициран бил трансферот. Се работело за пренесување опрема за деца која тежела околу 150 килограми. Една од сестрите споделила на „Фејсбук“ дека им биле потребни околу 2 часа за да ги префрлат бебињата.

Потоа, цел тим сестри останале цела ноќ покрај нив додека бурата беснеела надвор. Ветрот се движел со брзина од над 200 километри на час, а сестрите поставувале душеци спроти прозорците за да се осигурат дека бебињата нема да бидат повредени од искршени стакла. „Се наоѓате во соба со бебиња, а прозорците трескаат и зградата се тресе… беше навистина вознемирувачко“, изјавила директорката на болницата, Леа Аптон.

Додека тимот бил фокусиран на безбедноста на новороденчињата, многумина од нив имаат и сопствени бебиња и деца дома што се соочиле со бурата. „Никој не сака да биде разделен од своето семејство во вакви периоди, но моите 4 деца беа евакуирани со мојот сопруг, па знаев дека се во безбедни раце“, изјавила Аптон.

„Не можев да замислам како се чувствувале мајките на овие деца за време на бурата, бидејќи нивните бебиња беа тука со нас. Требаше да имаат многу доверба дека ние ќе се грижиме за нив“. Таа доверба ги натера сестрите да бидат присутни на работа во смени долги дури 48 часа.

фото: Leah Lefevre Upton/ Facebook

Сестрите ги имале на ум и анксиозните родители на бебињата, а на „Фејсбук“ постојано објавувале информации за нивната состојба. Табита Фосет, мајка на новороденче старо 2 дена, рекла дека токму таа комуникација ѝ помогнала да ја издржи тешката ноќ. „Без нив не знам како ќе го задржев разумот. Беше тешко, но поради нив успеавме да издржиме“, рекла Фосет.

Благодарение на неверојатните медицински сестри, сите ја преживеале страшната ноќ. А како што новороденчињата милуваат, тие си ја преспале ноќта. „Бебињата не ни сфатија дека се случува голема бура“, изјавила Аптон.

Пандемијата на коронавирусот го насочи вниманието кон херојството на медицинските сестри, но ваквите приказни се потсетник дека овие неверојатни лица секојдневно ги спасуваат животите на луѓето, без разлика за каква несреќа се работи. Ураганот помина, а ќе помине и кризата со Ковид-19, но благодарноста и воодушевувањето што ги покажуваме кон овие здравствени работници не треба никогаш да поминат.

 

Автор: Кристина МекАјсак

Извор



912

X