Кога жената ќе стане мајка, многу нешта се менуваат, а истото се случува и кај мажите кога првпат ќе го здогледаат своето дете. Поминуваат низ хормонски промени, се соочуваат со досега непознати емоции и откриваат нови вештини. Иако телото на мажот не поминува низ промени во бременоста како телото на жената, првата година од татковството секако му влијае на изгледот.

Додека некои накачуваат килограми, на други одеднаш почнува да им паѓа косата. За веб-страницата „Татко“ мажите откриле на кои начини нивното тело се менувало откако станале родители.

1. Чувствував дека го губам разумот

„Чувствував дека со секоја непроспиена ноќ го губам разумот. Ќе дојдев наутро на работа и три часа се обидував да го раздвижам мозокот. За среќа, никој не го забележа тоа, но бев многу загрижен. Се чувствував како средношколец кој премногу се забавува. Но, кога бебето усвои одредена рутина, си дојдов на себе“.

Марк, 34

2. Почна да ми паѓа косата

„Во младоста почнав да ја губам косата, но во првата година од татковството целосно оќелавев. Можеби е тоа само случајност? Не верувам. Првата година со детето навистина ни беше стресна. Ќерка ми имаше астма и алергиски реакции, па многу ноќи не спиевме, многу време поминувавме во болница. Емоционалниот стрес може да предизвика опаѓање на косата, така ми рече лекарот.

Вредеше бидејќи ја сакам ќерка ми најмногу, а и подобро изгледам со шапка на главата“.

Нил, 38

3. Се здебелив

„Во првата година откако се роди ќерка ми се здебелив 18 килограми. Тоа беше последица на непроспиените ноќи, никакво вежбање, лоша исхрана. Единствено не пиев алкохол бидејќи немав време. Се грижев за здравјето на сопругата и на детето, а јас се ставив во втор план. Почнав брзо да се заморувам, не можев да се концентрирам, а за да се решам од покачените килограми, ми требаше двапати повеќе време во споредба со периодот кога ги добив“.

Џејсон, 38

4. Го доведов телото во форма

„Раѓањето на син ми ме освести во врска со важноста на здравјето. Морав да го доведам телото во форма за да можам да бидам покрај своето семејство. Почнав да вежбам уште додека сопругата беше бремена, па имав рутина кога син ми се роди. Се чувствував подобро и ментално и телесно. Грижата за детето е голема и тоа дефинитивно не би можел да го правам ако сум во лоша форма“.

Рик, 32

5. Почнав повеќе да се грижам за здравјето

„Не сакам да го ризикувам своето здравје или здравјето на семејството. Почнав да одам на систематски прегледи на секои шест месеци. Кога ќе погледнам наназад, премногу се грижев, но станав поодговорен“.

Арон, 39

6. Цело време сѐ ме болеше

„Телото сосема ме издаде кога станав татко. Станував наутро, а сѐ ме болеше. Без посебна причина. Го носев бебето, го успивав, но не мислев дека тоа може да биде причина за такви проблеми. Се занимавав со спорт во средно училиште и на факултет, но сега одеднаш почнав да се распаѓам. Ме болеа зглобовите и ми пукаа колената.

Сем, 37

7. Станав нетолерантен на алкохол

„Кога станав татко, престанав да пијам. Тоа дојде само од себе. По една година испив еден пијалак, ми се слоши, а следното утро бев мамурен. Не ми падна на ум повеќе ниту да погледнам алкохол“.

Крис, 35

8. Не можев да функционирам со малку сон

„Сопругата и јас во просек спиевме по пет часа. Кога ќе дојдев на работа, не бев свој. Немав избор. Ми требаа шест месеци за да се приспособам на новиот распоред, но знаев понекогаш да дремнам во вецето на работа“.

Џозеф, 33

9. Неприродно ми беше да држам чие било дете освен своето

„Држењето на бебето не е универзално, а за тоа не бев свесен додека не добив свое. Секое дете што го земав ми будеше чудни чувства. Не ми беше природно во рацете, без разлика која положба ќе ја заземев. Никој тоа не го уочи, но јас имав такво чувство“.

Курт, 33

10. Станав неверојатно чувствителен

„Секогаш кога сопругата го чуваше детето за јас да одморам, не можев да престанам да мислам на него. Ме интересираше каде е, што прави. Како да имав монитор за следење на бебето во главата. Одев во другата соба за да проверам што прави кога не го слушав“.

Тај, 36

 



912

X