Мачнини, тромавост, саклет, бранови на жештини, често мокрење, промени во расположението, раздразливо однесување, киселини… Бременоста, иако среќен период во животот на жената, може да биде и мачна. Но, не им е едноставно ни на мажите. Разговаравме со наши сограѓани за тоа со што сè „се соочувале“ додека партнерките им биле бремени. Споделија интересни и симпатични ситуации.

– Мојата сопруга не пие алкохол. Но, додека беше бремена, го обожуваше мирисот на ракија. И пред да си легнеме да спиеме ја прскаше постелата со ракија ставена во шишенце со спреј –
Андреј од Кавадарци.

– Имаше бела блуза со црни точки и со големиот стомак ми личеше на бубамара. Тоа ми беше смешно. Ама не и што ме смрзнуваше со климата. Дома беше како во фрижидер зашто нејзе ѝ беше прежешко, а јас морав да се облекувам како Еским –
Бојан од Скопје.

– Најсмешно ми беше што јадеше лапни-голтни, без да џвака, ко да нема да може пак да јаде. Е тоа што морав само јас да чистам со правосмукалка… Тоа е –
Игор од Куманово.

– Ме будеше рано наутро и сонлив морав да мозгам каде да најдам нешто што во моментот го нема на овој дел од планетата –
Маријан од Скопје.

– Толку многу имам слушано за специфични барања на бремени, а таа не побара ништо необично. Да бидам разочаран –
Вања од Скопје.

– Во ниедно време купував половина пита бурек со сирење (да има) и четвртинка со месо (во случај да ѝ се пријаде, да не ме враќа пак) –
Стефан од Скопје.

 

– Искрено, се исплашив што сè ме чека кога дознавме дека е бремена – поради приказните дека жените знаат да бараат невозможни работи од мажите додека се бремени. Но, немам такво искуство. Ниту бараше лубеница среде зима, ниту јагоди. Слатките проблеми почнаа кога беше во поодмината бременост. Не можеше да си ги врзе патиките и да си ги облече чевлите. Тоа го правев јас. Таа не излегува од дома без лак на ноктите, па тука се јави проблем. Морав да ѝ ги лакирам ноктите на нозете. Првиот пат кога го направив тоа не беше задоволна, па сигурно едно три пати го вадевме лакот. По некое време станав експерт за лакирање –
Марко од Скопје.

– Пораките од мојата сопруга додека беше бремена изгледаа вака:

10:00 – Мијалникот е полн со садови, како можеше да направиш таков куп пред да појдеш на работа (шолја за кафе, чаша и нож). Те мразам, печурки ќе почнат да растат по дома.
11:00 – Срцко, што правиш? Те сакам.
12:00 – На враќање купи чоколадо со лешници.
12:05 – Не, со бадеми купи.
12:15 – Купи и со лешници и со бадеми.

– Никогаш не ме прати на продавница зашто сè што можеше да побара, веќе го имав купено. Електроинженер, пресметував веројатности што ќе побара –
Александар од Охрид.

– Летав по ќебапи од едно место во Чаир, по хамбургер во Центар, по еклери од „Јаја паша“… Ѝ сечев нокти на нозете. И сега уште слушам дека на „овој памет“ малку ми било –
Зоран од Скопје.

– На полноќ готвеше тестенини со туна. Јадеше од тенџерето. Едно залче за неа, едно му даваше на мачорот, па пак така –
Никола од Струмица.

– Дома секогаш мораше да има јогурт и чипс (од најтенките). И не само дома. Тоа го јадеше и во кафуле, сите зјапаа во нас и ме набедуваше дека така ми се чини зашто сум се срамел од неа –
Киро од Делчево.

– Препека за зелник, ама не купечки, требало да е домашно месен. И ѝ измеси бабата на другар ми. Се прејаде и потоа повраќаше –
Тони од Скопје.

– Секој трет ден официјално и многу сериозно ме информираше дека ќе се разделиме зашто не може да се помири со работи што ги правев. Меѓу другите тоа беа: не сум го затворал капачето на шампонот по туширање, со ист нож сум сечел и сирење и леб, патиките, откако ќе ги соблечев, не сум ги местел под линија…
Деновите измеѓу ми повторуваше колку ме сака –
Сашо од Скопје.



912

X