Зоки Поки ме научи да бидам трпелив, дека другарувањето пред зграда и во маало е многу подобро од она што ние го практикуваме преку социјални мрежи, вели Матеј Настевски, кој го глуми ликот на Зоки. На сите им порачува: Почитувајте ги вашите Лидии

Зоки Поки, односно Матеј Настевски, е главен фраер деновиве. Сите зборуваат за него, не се штедат комплиментите и пофалбите за добрата глума… Едвај се чека да излезе нова епизода. Преку ноќ им прирасна за срце на многу деца, а богами и на возрасни. А на Матеј улогата му легна како путер на леб. И единствено се разликуваат со Зоки по тенот и бојата на косата. Во сè друго се исти. Матеј вели дека и во приватниот живот е како Зоки Поки – љубопитен, палав, дружељубив…

Да го визуализираш Зоки Поки е голема чест. Со овој култен лик растеле многу генерации… Како ја доживуваш својата улога во серијата? Што те прави горд и среќен?

– Како еден голем предизвик кој треба да се оправда пред сите генерации. Горд сум што токму јас ја имав таа чест да бидам главниот лик, а среќен што се исполни мојата најголема желба во тој период.

Што прво ти текнува кога ќе се спомене Зоки Поки? На што те асоцира ликот на Зоки?

– Прво што ми текнува кога ќе се спомене Зоки Поки е тоа што ја немав самиот прочитано лектирата. Ликот на Зоки Поки ме асоцира на едно итро, палаво, дружељубиво и вљубено дете.

Што мислиш, со што успеа да ја добиеш главната улога? Со што се издвои на кастингот? Што е она што те поврза со Зоки Поки?

– Бидејќи не посетувам училиште за глума, мислам дека главната улога успеав да ја добијам со верба во себе и мојот природен талент. Но, на ова прашање мислам дека треба да одговорат одговорните на кастингот. Сличноста помеѓу мене и него – како што е Зоки Поки претставен во книгата, така е и Матеј Настевски во приватниот живот.

Дали има реплика што си ја повторуваш и денес, по дома?

– Да, има. Често си ја повторувам: „СИТЕ ЗА ЕДЕН И ЕДЕН ЗА СИТЕ“ бидејќи дома имам еден постар и еден помал брат од мене.

Која сцена најмногу те измори додека ја одигра? И што беше најтешко да се одглуми?

– Најмногу ме измори кога го бркав Боки во епизодата „Моја среќа“. Најтешко беше да се одглуми повторувањето на истата сцена неколку пати, на сончевото и топло време.

Супер се покажа како актер, имаш многу фанови, многу деца се огледуваат во ликот на Зоки Поки… Дали се изненади од себе?

-Да, бидејќи ова е мое прво искуство од ваков тип.

Зоки Поки не би постоел да не е Лидија. Ја сака, почитува, ѝ се восхитува. Сè би сторил за неа, би го променил омиленото јадење, би одел на логорување… Каква порака ќе им упатиш на децата за нивните „Лидии“?

– Порака до сите деца за нивните „Лидии“: Бидете искрени, сакајте ги, почитувајте ги, изненадувајте ги и не откажувајте се.

Зоки Поки освен што е задолжителна лектира, стана и задолжителна серија за деца, но и за возрасни… Како е да си познат? Кои коментари ти го топлат срцето?

– Со моменталната состојба и мерките за претпазливост и дистанца, чувствата во овој период на познат ми се некако измешани. Сите коментари ми го топлат срцето. Ќе ви пренесам неколку:
– Не забележувам дека глуми, 100% е природен. Браво мали, продолжи спонтано и природно.
– Ах, љубов! Камо Зоки да ѝ ја испратеше пораката „ТЕБЕ“ на Лидија…
– Зоки Поки, те обожаваме, детенце бонбона, шеќерлема, анѓелче, браво Зоки, чекаме уште многу епизоди.

Зоки Поки нè учи на другарство, етика, љубов, почитување, трпение… На какви лекции тебе те научи Зоки Поки?

– Зоки Поки ме научи да бидам трпелив, дека другарувањето пред зграда и во маало е многу подобро од она што ние го практикуваме преку социјални мрежи. А, исто така, ме научи и за искреноста и вредноста на семејството.



912

X