Тринаесетгодишниот охриѓанец Марко Пејчиновски доцна синоќа го прекина соло маратонот кај Градиште поради болки во ногата. Марко во водите на Охридското Езеро помина 4 часа и 49 минути и преплива 11 километри и 840 метри, пренесе порталот „Охрид њуз“.

Марко вчера попладне го стартуваше својот најнов подвиг во обид да преплива 64 километри во знак на поддршка на лицата со ретки болести. Тринаесетгодишниот херој во вода влезе попладнето околу 18 часот, во придружба на неговите најблиски, лекарски тим, официјални лица и екипа што го следеше. Тој од кај градското пристаниште се упати кон Свети Наум, а делница која планираше да ја исплива беше Охрид-Свети Наум-Струга-Охрид. Требаше да ја заокружи денес на празникот Голема Богородица на истото место од каде што тргна.

Марко минатата година направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач кој ја препливал таа делница, со што влезе меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е голем бидејќи и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

За овој негов подвиг се изработени маички во бела и црна боја кои беше најавено дека денес ќе се продаваат на специјален штанд кај градското пристаниште од 12 часот. Средствата од продажбата на маичките беше најавено дека ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

– Единствено со силна верба човек може да успее во сето она што го сака и затоа Марко не се откажува туку ќе продолжи да ги остварува своите соништа! Марко е оној кој ни покажа на сите нас како се поместуваат границите, за повисоки цели, за ретките! Денес сите да честитаме за успехот на Марко и да се приклучиме за подигнување на свеста за лицата со ретки болести – објавија неговите поддржувачи на фан страницата на „Фејсбук“.

Инаку, за минатогодишниот подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, како и „Златна Бубамара на популарноста“ и признание на порталот „Охрид њуз“.



912

X