„Сакам“ е нејзина најнова песна, за која текстот го напиша самата, а музиката е на Роберт Билбилов. На спотот Марија користи и знаковен јазик зашто сака нејзината порака да стигне до што повеќе луѓе 

Марија Спасовска расте со музиката и со уметноста. Таа е ведро девојче кое сака со песна да им упатува силни пораки на луѓето. Една таква песна неодамна излезе од креативната работилница на повеќе автори и се вика „Сакам“. Марија, која има 14 години и учи во 9. одделение во основното училиште „Александар Македонски“ во Скопје, го напиша и текстот за песната. Композитор и продуцент е Роберт Билбилов.

Марија Спасовска

Песната означува симбол на среќата, нè потсетува на нашето време и вистинските вредности во животот, вели Марија.
– Преку песочниот часовник, преку рефренот се прикажуваат минливоста и брзината на времето, а преку строфите, преку стиховите „Човекот со срце да гледа“ се покажува вистинската вредност на човекот и животот – вели 14-годишната девојка.

На видеозаписот таа употребува и знаковен јазик, а идејата ѝ ја дала нејзината мајка Вера Спасовска.
– Целта на знаковниот јазик во песната е да ме разберат и тие што не можат да ме слушнат. Инаку, песната е наменета за широката публика, нема ограничување, така дојде и идејата дека треба да се направи нешто што ќе може да предизвика внимание буквално кај секого – вели таа.
Марија додава дека без родителите и пријателите и нивната поддршка, не би можела да се занимава со музиката.

Марија Спасовска (фото: Зоран Зонде Стојановски)

„Сакам“ не е нејзина прва песна. На детски фестивали (Поточиња, Златно славејче, Јо Јо, Ѕвездички) испеала седум песни – Моето кукле, Десет лета поточиња, Детските игри, Мојата виолина, Љубов како пеперутка… Нејзина прва тинејџерска песна и е „Играј со срце“, која има и српска верзија – „Покрени срца жар“ затоа што музиката ја создаде српскиот продуцент Немања Михајловиќ.

Марија беше претставничка на Македонија на Детскиот Евросонг минатата година, каде што настапи со песната „Дома“.
– Оваа песна е маестрално дело на Дарко Димитров и Елена Ристеска, за што особено сум им благодарна, затоа што успеав да донесам магија од Македонија на јуниорската евровизиска сцена во Минск. Тој настап ми е омилен досега. Учеството на Детската Евровизија ми даде поголема мотивација да продолжам со посилно темпо да ги остварувам моите желби за музика.

Тоа беше волшебно и незаборавно искуство. Премногу љубов и детски срца со слична желба создадоа магија која нè водеше низ градот Минск. Едноставно неверојатно – вели Марија.
Многу пријатели и покани од различни фестивали следувале по евровизискиот настап. Ја претставуваше Македонија на Фестивалот за филмска уметност „Арлекин“ во Варна, Бугарија, од каде што се врати со награда.

– На преубавата сцена на летниот театар ја испеав легендарната „My heart will go on“ од филмот „Титаник“. Во моментот имам акредитации за фестивали во Литванија, Малта, но кога ќе дојде време за нив, ќе зборувам повторно – вели Марија.
Таа се врати со награди и од фестивали во Москва, Минск, на „Славјански базар“. Летово ја претставуваше Македонија на Интернационален фестивал во Охрид, каде што беше прогласена за „Најдобар глас“ во конкуренција на 100 натпреварувачи од Европа.

Сцена од „Сакам“ (фото: Зоран Зонде Стојановски)

Нејзина омилена пејачка е Калиопи и ги пее сите нејзини песни, но го сака и Тоше и смета дека неговите песни можат да допрат до секоја генерација.
– Тие имаат совршени пораки и одлична мелодија. Сакам да слушам поп-музика, особено македонска од различни периоди. Таквата музика ме опушта, ме прави среќна. Секако дека ги слушам и светските хитови – вели Марија.

Таа е успешна и во училишните обврски. Најмногу сака да учи македонски јазик зашто сака да чита и пишува, но ужива и во математика и физика. Размислува да се запише во гимназија на математички отсек. Учи и во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што свири на виолина.
Во слободно време најмногу сака да чита книги, пишува песни и раскази. Марија посетува и часови за вокална техника во „Академија Дурловски“.

– Од септември годинава, откако се отвори Академијата, веднаш станав еден од повеќето студенти кај проф. Ана Дурловски. Инаку, јас и претходно посетував часови кај неа, но сега во Академијата имаме редовна настава и реализираме специјална програма наменета за индивидуален пристап. Презадоволна сум од целокупната досегашна работа и знам дека сите способности од аспект на вокална техника ѝ ги должам на незаменливата професија. Покрај ова, посетувам редовни часови по клавир кај проф. Марија Ковчегарска и секојдневно вежбам пијано и пеење. Учам и англиски јазик, а и џез-балет. Слободното време ми е испланирано, но секако дека имам време да излезам со моите другарки – вели Марија.

Освен што ги сака музиката и уметноста, Марија има и спортски дух и многу сака фудбал и ракомет.
– Следам фудбалски натпревари, а никогаш не пропуштам натпревар кога игра „Барселона“. До пред една година бев активен член на ракометниот клуб „Вардар“ и не сакам да пропуштам натпревар кога игра „Вардар“ – завршува Марија.



912

X