На децата им е многу интересно одењето, особено на почетокот, додека сè уште се обидуваат да направат стабилен чекор. Се гордеат со себе кога веќе не зависат од колички и туѓи раце, но кога одењето станува обврска на детето и нешто што се очекува од него, се случува да му здодее. Еве како можете да му помогнете на вашето дете повторно да сака да оди.

Направете го одењето забавно

Кога сте надвор, направете го одењето забавно, советуваат авторите на книгата „Што да очекувате во втората и третата година“. Предложете му на вашето дете да скока преку пукнатини на патот или барички. Бројте кучиња и мачки, пејте песни и откријте интересни детали на вашата улица. Ова ќе му го одвлече вниманието на вашето дете од пешачењето, но планирајте дека секое патување ќе трае малку подолго.

Кога одите во продавница, објаснете му на детето дека сега ви е помошник и вклучете го во купување и носење намирници. Нека си ја донесе платнената чанта од дома и нека биде задолжено за носење на намирниците. Дајте му важност на неговата улога и заблагодарете му се што ви помогнало бидејќи без него не можете да завршите сè.

Не брзајте го

Не заборавајте дека вашето дете е ниско и има кратки нозе. Нему му требаат двојно повеќе чекори за да помине одредена маршрута, за разлика од вас. Не брзајте го и бидете свесни дека тоа се заморува побрзо од вас. Одете на кратка прошетка и можете да се вратите дома со јавен превоз. Не можете да го присилите детето да оди бидејќи тогаш реакцијата ќе биде уште полоша.

Пофалете го кога оди и коментирајте колку големи работи може да направи сега кога само се движи. Не критикувајте го кога не сака да оди и не нарекувајте го „бебе“. Кога е нерасположено, тешко ќе се постигне нешто, па подобро е да се почека детето да биде добро расположено за да воспостави нови навики.

Автор: Јелена Перван

Извор



912

X