Да ја чувам покрај себе својата ќерка или да бидам мајка што јури на работа и заработува, умствено се докажува, придонесува во издржувањето и постојано неуморно го мисли малото кое секојдневно отседнува над 8 часа во градинка. Веќе со години мислава ми ја разјадува душата! И додека размислувам, М. ме потсетува дека треба да побрзам, брзањето се претвора речиси во трчање и повторно во автомобил… Брзаме на работа

Кога се будам и ги отворам очите, сфаќам дека веќе е разденето. Присилена сум да ја следам мелодијата на еден од алармите за будење, па го подбуцнувам М. во надеж дека ќе стане и ќе го замолчи апаратот кој иритира и, за среќа, брзо се расонува. Јас ја ѕиркам убавината што мирно спие и рамномерно дише во креветче… дали и овој пат е откриена..? Не – за среќа! Повторно легнувам со мисла и надеж за брзо расонување, но во истата секунда сонот ме совладува… при повторното отворање на очите веќе е 20-ина минути подоцна. Веднаш станувам, побрзо отколку што треба, па мала вртоглавица ми го поматува умот.

Почнувам да ја будам убавината изговарајќи го нејзиното име, а истовремено помислувам дека ако побрзам, ќе имам време да ѝ го подготвам омилениот сок кој со сласт го испива речиси секое утро додека се расонува. Во меѓувреме М. се подготвува за работа и тековниот ден – уредно и педантно како и секогаш, што е во неговата непогрешлива природа. Му се восхитувам! А убавинава се бунтува: – Mи се нанааа, најавува убавото гласче. Да се ласонам уште 5 минутки! Одобрувам и продолжувам, а таа се тегне како мрзливо маче. Сокот е подготвен, на ред е торбата за во градинка – ставам резервно сè што сметам дека е потребно за тековниот ден. По повеќе од најавените 5 минути за дополнително расонување, убавината пројавува желба да ја земам – босонога, во пижами, бушава, со бесни коси како нејзината природа! Облекуваме чорапи и стартуваме – миеме заби и лице и се потсетуваме кооолку се сакаме ! А времето ни истекува, но нејсе – секогаш е право време да си кажеме дека се сакаме најмногу – повеќе од сè! Колку светот и ѕвездите заедно, па наопачки!

Продолжувам со забрзано темпо, ја облекувам по нејзина желба – ми се допаѓа нејзината креативност – шарени хеланки и шарена блуза – весело срце! М. ја презема и со нарамен ранец се симнуваат… се доспремам – паричник во чанта, не заборавај телефон, спушти ролетни, вклучи клима, провери дали сè друго е исклучено, не заборавај клучеви и само што застанувам на врата…. се враќам по тротинетот – ќе ја возам попладне додека чекаме… Со брз чекор се симнувам и додека да се свестам, веќе сме во автомобил на добро познатиот пат накај градинка. Потпевнуваме, си ветуваме дека ќе имаме убав и насмеан ден и се потсетуваме дека штом завршиме со работа, веднаш си одиме дома.

Јуриме во градинка, запазуваме процедура на подготвување, се гушкаме силноо, ја погледнувам в очи и најискрено се насмевнувам со ветување дека мама доаѓа најбрзо што може, веднаш штом заврши со работа! Нејзините очи вперени во мене, со продорен поглед и следува изјава – Мамаа те сакааам! Очињата говорат многу повеќе!

И повторно истата мисла ме погодува, што е подобро – мама да седи дома и да ја чува до себе својата убавина или мама која јури на работа и заработува, умствено се докажува, придонесува во издржувањето и постојано неуморно го мисли малото кое секојдневно отседнува над 8 часа во градинка??? Веќе со години мислава ми ја разјадува душата! И додека размислувам, М. ме потсетува дека треба да побрзам, брзањето се претвора речиси во трчање и повторно во автомобил… Брзаме на работа.
И да, многу размислував за тоа што е правилно. Размислував и околу моментот за тоа дали треба да размислувам, па се анализирав, читав многу, ги ставав работите во многу контексти – општествени услови, услови во образовни установи, амбиент, финансии, самореализација, потреби на детето, лични потреби, потребите на семејството, пораките што му ги праќам на детето… За многумина моите дилеми веројатно се непотребни. Жената треба да работи, се согласувам! Но што со сè друго и со сите услови…
Многумина моите чувства веројатно ќе ги стават во контекст на назадност и нееманципираност. Но јас не се срамам од нив. Напротив, на ова ми се надоврзува уште една дилема – дали можеби со толкувањето на еманципацијата отидовме подалеку отколку што требаше, па презедовме многу повеќе обврски отколку што реално можеме да „поднесеме“? Или сме далеку од неа? Но, нејсе, за оваа дилема во друга пригода. Важно е дека лично јас стасав до одлуката дека ќе работам. А, кога работам, работам од срце и со душа. Кога тој товар ми падна од грбот, морам да потенцирам уште нешто за мене многу значајно. Никој нема право да осудува ничија одлука. Зад сечија одлука има некоја заднина – емотивна, финансиска, или каква и да е. Поддршка е и ако се обидеме малку повеќе да се разбираме меѓу себе наместо да се осудуваме на прва топка.

Можноста од 15-ина минути пешачење до работа ја користиме за организирање и планирање на попладнето. Се разделуваме и секој продолжува кон своето опкружување – јас во старото, а М. во новото. Новото нуди предизвици, неизвесност, а старото – веќе сè е видено – ништо не може да изненади, ничија дрскост, ароганција, подбуцнување…

Денот полн со предизвици – колку луѓе, толку табиети, како што милува да каже татко ми. Следниот ден ме чека службено патување и мојата енергија е насочена кон подготовките кои резултираат со два големи хамери на кои се ставени пораките што сакам да им ги пренесам на присутните. И, секако, уште ред други попатни службени моменти го одбележуваат работниот ден. Но, авантурата наречена исполнување на работните обврски од час во час го зема својот данок, а наплатата е реализирана со веќе напреден стадиум на замор…

Но, време е за заминување, а мене душата ми е полна со радост – да си ја земам убавинава од градинка, а потоа М. доаѓа по нас и заедно бегаме во нашето заедничко гнездо.

Се впуштам во авантурата наречена градски сообраќаен превоз „вооружена” со два хамери поради кои сите ме гледаат откосо – нема место за патници, а камоли за дополнителни големи хартии полни со чкрабаници – имам чувство дека така ги доживуваат. Не обрнувам внимание. Со текот на време престанаа да ме вознемируваат и засегаат туѓите впечатоци. Впрочем, автобускиот превоз може да биде извор на емоционален отров, а тоа немам намера да го дозволам. По подолго возење во горештина, се симнувам на вообичаеното место и со брз чекор го фаќам патот до градинка. А градинката е во мирно опкружување, потоната во блага тишина чиниш во друг свет, свет во кој не постои брзање, тензија и нервоза.

Ирина Микеска

И повторно внатрешниот глас, го слушам како ме обвинува дека можеби сум можела да стигнам и порано… трчам по скали, од плакарчето го дограбувам нејзиното ранче и ѕвонам. Најавувам за кого сум дојдена и за кратко ја гледам како ми се стрчува во прегратка! Сиот немир што се јави уште изутрината и го потиснував низ изминатите часови го снемува.

Прашувам за денот, за оброците, за слободните активности, за нејзините пријателчиња… Добивам кратки одговори – уморна е, не ѝ се раскажува. Веќе подготвени го земаме тротинетот, ги прибирам хамерите, ги нарамувам чантата и ранчето и ѝ предлагам: Сакаш ли, убавино, мама да те вози, мама да турка, а ти да уживаш? Се насмевнува и добивам едно гласно и задоволно – дааа!! Седнува на тротинетот и возењето почнува. Ја обиколуваме градинката, но тоа не е доволно – Мамаааа побрзооо! Забрзувам и стасувам до степен на трчање, а нејзината гласна смеа е заразна – се смееме и кикотиме низ мирното маало потонато во попладнето. Уживаме! Во меѓувреме М. стигнува и со него ги споделуваме радоста и доживувањето, препотени и изморени.
Продолжуваме дома зашто е претопло за натамошно возење. Сепак, целта е постигната – радост може да се прочита од нејзиното убаво лиценце исполнето со благост! Но, јас имам сериозен непријател денеска. Впрочем, со непријателов секојдневно се соочуваме подолг временски период наназад, ама денеска не сака да се предаде и покрај сите техники што ги испробав попатно. Заморот ми води инает, не сфаќа дека особено денеска не смеам да си го дозволам!
Конечно дома! Рутински секој од нас го завршува она што е потребно за да здивнеме… Кратко е времето за одмор, па го користиме да се изгалиме и да се налакираме – дами сме! Уживаме во женските моменти додека М. се обидува да собере душа од напорниот ден на работа. А мене ме чека утрешната презентација…, но време е за шетање. Излегуваме и целосно го користиме времето за игра. Толку е прекрасно, но кратко. Чувствувам сладок замор, моето тело почнува да се предава. Продолжуваме со стандардните активности што го одбележуваат крајот на денот. По ѓаволите – малку е, кратко е, не се догушкавме, не се доприкажавме, не се доигравме!

Одиме со убавината на спиење, таа заспива веднаш штом го потпира главчето на перница, а пред тоа срцето ми го стоплува едно искрено – Мамааа, те сакаааммм! Дишењето станува рамномерно. Ја мирисам – да, само таа мириса вака – на чиста душа! Ми ги опива сите сетила, ме преплавува чувство на милост, топлина, неизмерна љубов во душава! Ја гледам – совршена е! Нашиот совршен дар! Го молам Бог да ми ја чува и да ги чува сите чисти души на овој свет! Отсекогаш ме импресионирала таа искреност – зрачи од неа и додека спие!

А јас морам да продолжам со подготовките – листовите за презентацијата чекаат да бидат препрочитани. Но очиве натежнуваат, а телото се предава. Интересно, умствено сè уште не се предавам и ја визуализирам утрешната дневна агенда, ја премотувам како лента на филмско платно сè додека во дел од секунда сфаќам дека паѓам во полусон. Во тој момент го слушам предупредувачкиот глас на М. дека е веќе предоцна и дека би било најдобро да се одморам. Секогаш е тука да ме потсети на најважното! Што би правела јас без него…. Сфаќам дека е редно да го послушам и покрај тоа што првично пробувам да негирам дека веќе не можам. Така и правам. Рутинска е подготовката за краткиот одмор – веќе е половина час по полноќ. И додека како низ магла се потсетувам на обичниот ден кој измина и што сè ме чека следниот ден – потонувам во длабок сон…

Автор: Ирина Микеска



912

X