Воспитување

Малите одлуки – голем услов за градење самоуверена личност

Како родители често мислиме дека знаеме подобро од децата што е најдобро за нив. Постојано им зборуваме за тоа што треба да прават, како да изгледаат, што да консумираат, што да кажат итн. Во повеќето случаи тоа и навистина треба да е така, имајќи предвид дека имаме поголемо животно искуство и знаење, но не секогаш. Сакајќи да им го дадеме најдоброто на своите деца, забораваме дека способноста за носење сопствени одлуки им овозможува внатрешна сила, самоувереност и чувство на лична одговорност. Само тие знаат што ги возбудува, воодушевува и радува и ако ги поттикнеме да одат во друг, поинаков правец, најверојатно ќе бидат несреќни и незадоволни. Ако ние донесуваме одлуки за нив, тие постепено престануваат да прават и најмали избори, од страв да не направат грешка.

Родители, охрабрете ги своите деца да носат одлуки кога и да е тоа можно. Тие од мали нозе се способни да бидат одговорни за сопствените потреби – жед, глад (вкус, мирис, количина), задоволство, чувство за топлина и студ, близина и далечина, како и за вашите чувства и желби. На почетокот е важно изборот да не е многу значаен и да можат да изберат од најмногу две-три работи, за да не се збунат. На пример: Што сакаш да облечеш – црвениот фустан или виолетовата блуза?, Каде сакаш да седнеш – на кревет или стол? или Со што сакаш да боиш – фломастери, дрвени боици или темперни бои?

Потоа, кога ќе почувствувате дека тоа добро им оди, поставувајте и отворени прашања, како: Колку сакаш да ти биде топол чајот?, Кога би сакал/а да одиме на прошетка? Ситуациите во кои децата можат да одбираат без да ги загрозат потребата и обврските на родителите се неисцрпни во секојдневниот живот. А изборите не мора секогаш да бидат исправни. Правењето грешки исто така е добар начин за учење. Важно е детето да знае да донесува одлуки за себе и да не се плаши од грешки.

За жал, во нашите традиции слободата на избор не е баш типична, туку сме склони кон наметнување на сопствената волја. На пример, уште е вообичаено детето да се тера да го јаде она што ќе му се стави на маса и тогаш кога ќе му се стави на маса.

Родителите ги користат сите видови техники кои се всушност или целосно неуспешни или неуспешни на подолг рок, а кои ѝ штетат на самодовербата на децата.

„Оваа лажица е за мама, оваа за тато…“, „Бррр авионот лета…“, „За секоја чинија супа што ќе ја изедеш, ќе добиеш една коцка чоколада“. Вакви и слични фрази им се добро познати на многу родители, а многумина се свесни колку се погрешни, но не можат да се спротивстават. Други, кои се вознемирени од отпорот што го дава детето, преминуваат на директни напади. „Седи да јадеме! Гледаш колку се трудам да ви спремам здрава храна!“

Важно е да се биде свесен дека нашите деца не може да имаат исти склоности кон храната. Добра опција е храната за која сметаме дека е добра за детето да му биде на располагање на детето така што ќе може да ја побара секогаш. Така ние сме среќни бидејќи сме сигурни дека детето добива здрав оброк, а детето може да одбере кога ќе јаде.

Се разбира, постојат избори за кои детето е спремно и такви за кои уште не е. Сосема е во ред родителот да каже: „Јас сум тој што ги поставува правилата и не дозволувам да гледате во таблетот повеќе од еден час дневно“ или „Кога преминуваме улица, морате да стоите покрај мене и да ме држите за рака“.

Кога децата не се во можност самите да одбираат, тие се менуваат себеси и своите потреби и учат да го прават она што на другите им треба. По некое време оваа соработка може да премине во друга крајност – отпор и непослушност, со кои детето ќе ги отфрли барањата на другите и сопствените потреби.

За еден млад човек да може слободно и исправно да донесува важни одлуки во својот живот, како избор на професија и животен партнер, прво е неопходно да научи лесно да донесува помалку важни одлуки. Малите чекори во процесот на созревање се неопходни.

Ако ги прескокнеме, сме направиле непоправлива штета.

Автор: Ивилина Зафирова, детски психолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top