Ви го лижат носот, се гушкаат со вас на каучот и повремено ви ја гризат врвката од чевлите. Но, семејните кучиња исто така го зајакнуваат физичкото и емоционалното здравје на најмладите членови на семејството, кога децата играат со нив или одат на прошетки, покажува ново истражување.

Австралиските истражувачи откриле дека децата на возраст од 2 до 5 години што имале кучиња во домот имале помала веројатност да имаат проблеми со однесувањето или проблеми со своите врсници и поголема била веројатноста да покажат просоцијално однесување, како што се делење и соработка. Колку повеќе децата шетале и играле со своите кучиња толку поочигледни биле тие придобивки.

За целите на истражувањето, научниците од Универзитетот во Западна Австралија и детскиот институт „Телетон“ собрале податоци од 1.646 родители за да откријат дали поседуваат куче и ако е така, колку децата комуницирале со него. Исто така, тие пополниле прашалник што го мерел социјално-емоционалниот развој на децата и одговарале на прашања во врска со времето поминато пред екран, навиките во спиењето и потеклото на родителите.


– Сè повеќе учиме дека чувањето миленичиња во семејството може да има фантастични придобивки за физичкиот и социјалниот развој на децата – изјави  Хејли Кристијан, вонреден професор на Универзитетот во Западна Австралија и Институтот за деца.

– Нашето претходно истражување покажа дека домашните миленици може да бидат особено корисни за деца на училишна возраст, но ова најново истражување покажува дека придобивките почнуваат побрзо – уште од раното детство – вели Хејли.

Да се има куче во семејството има прилично мерливи придобивки, велат истражувачите. Децата што имале кучиња во своите домови имале 30 до 40 отсто помали шанси да имаат проблеми со однесувањето или врсниците отколку децата без кучиња. Тие, исто така, имале 23 отсто помалку тешкотии и 34 отсто поголема веројатност да имаат просоцијално однесување отколку децата без кучиња во своите домови.

Истражувачите откриле дека шетањето на кучето заедно како семејство барем еднаш неделно и активното играње со него три или повеќе пати неделно ја зголемува веројатноста за просоцијално однесување за дури 74 отсто и ги намалува тешкотиите во животот на децата за 36 отсто. Не била пронајдена поврзаност помеѓу поседувањето куче и хиперактивноста или емоционалните тешкотии.

– Додека очекувавме дека поседувањето кучиња ќе обезбеди некои придобивки за благосостојбата на малите деца, бевме изненадени што самото присуство на семејното куче беше поврзано со многу позитивни однесувања и емоции – рече Кристијан.

Милениците носат придобивки и за физичкото и за емоционалното здравје. Студиите откриле дека тие помагаат во сè, од стрес до социјални вештини, фитнес до долговечност.

И ова најново истражување посочува дека и најмалите членови на семејството можат да имаат корист.

– Со оглед на тоа колку е важна физичката активност за здравјето и социјалниот и емоционалниот развој на детето, навистина треба да ја искористиме секоја можност да ги натераме децата да се движат. Нашето истражување покажува дека поседувањето милениче може да биде важна стратегија за да се постигне ова – вели Кристијан.

Автор: Мари Џо Дилонардо

Извор



912

X