Сигурно сите го знаете тоа едно дете што никогаш не е болно. Се прашувате кои трикови ги користат неговите родители, а вие не ги знаете.
Според експертите, децата што „пукаат“ од здравје стекнале навики кои се многу корисни во борбата против разни бактерии и болести.
Oва се некои од најважните:
Редовно си ги мијат рацете
Редовното миење на рацете значително ја намалува појавата на болести на дигестивниот и респираторниот систем. Научете го вашето дете дека миењето раце со сапун е важно пред секој оброк, но и кога излегува и влегува во различни области. Децата генерално мразат да ги мијат раце, па затоа треба да се обидете да им го направите тоа забавно. Пожелно е целиот процес да трае најмалку 15-20 секунди.
Секојдневна физичка активност
Секојдневната физичка активност може да го намали бројот на настинки за дури 50 отсто, покажа истражување. Спортот ја зголемува циркулацијата, но и ја зголемува отпорноста на клетките на инфекции.
– Вежбањето е подобро од кој било лек што се рекламира – објаснува д-р Харли. А. Ротбарт, педијатар од САД.

Научени се да не го допираат лицето
Вирусите и грипот влегуваат во телото преку устата, носот и ушите. Тоа се области кои детето не треба да ги допира со раце, особено не со валкани раце. Ова е многу тешко да се постигне, па затоа е важно да го научите вашето дете редовно да си ги мие рацете. Исто така, научете го никогаш да не ја дели чашата, сламката или четката за заби со некого.
Сонот е лек
Навикнете ги вашите деца во исто време да одат на спиење. На бебињата им требаат околу 14 часа сон, а на децата од предучилишна возраст од 11 до 13 часа.
– Недостигот на сон може да го удвои ризикот од настинка или грип – вели д-р Ротбарт.
Балансирана и здрава исхрана
Овошјето и зеленчукот во сите бои помагаат во зајакнувањето на имунитетот. Направете ја чинијата на вашето дете богата со витамин Це (брокула, јагоди, портокали) и витамин Де (млеко, житарици). Јогуртот со активни култури (пробиотици) може да помогне да се изгради одбранбен механизам.