Познатиот детски книжевник Ханс Кристијан Андерсен рекол: „Да се патува, значи да се живее“. Зошто е тоа така? Секоја личност, без разлика дали дете или возрасен човек, на патувањата учи и доживува нешто ново. Секој мал чекор и оттргнување од секојдневието е ново патување и ново учење. Се среќаваме со различни култури, клима, јазик, кујна, обичаи, луѓе. Така, преку сопственото искуство стануваме интеркултурни.

Родителите му се пример и модел за учење на детето. Како што ќе се однесува родителот, така ќе се однесува и детето. Патувањата се особено богата школа за децата. Освен што децата учат да бидат интеркултурни битија, преку искуство, учат и за толеранција, прифаќање на различностите, ги чувствуваат и туѓите и сопствените вредности, емпатија, странски јазици, самостојност, организираност итн. Преку секојдневните ситуации на патувањата, и возрасните и децата учат како да дознаваат за светот што нè опкружува.

Патувањето со деца значи да им се покаже и значењето на довербата, бидејќи новите ситуации во кои се наоѓате, иако нудат многу нови доживувања, бараат и сигурност за нешто што ви е познато и во кое верувате. Патувањето и организацијата не се нешто што е вродено, туку нешто што се учи. Потребно е детето да се научи како да патува, а родителот на детето му е најважен учител.

1. Избор на дестинација

На почетокот ова е најважно. Кога се патува со деца, мора да имате на ум дестинацијата што ја одбирате да биде поприспособена на децата отколку на возрасните. Како што децата ќе растат и повеќе ќе патуваат, ќе можете да одбирате и поинакви дестинации. За почетните патувања со мали деца одбирајте поблиски места кои нудат разновидни содржини за нив. Во спротивно, долгите патувања предизвикуваат непотребна нервоза и кај децата и кај родителите. Тогаш и на возрасните и на децата патувањата им остануваат во негативно сеќавање. Имајте на ум дека задоволно дете значи и задоволен родител. Така пристапете и во изборот на дестинацијата бидејќи на тој начин и детето и родителите се учат на толеранција и компромис.

2. Подготовка за патување

Многу е важно и корисно да го вклучите детето во подготовките. Добрата подготовка е темелот на успешното патување и половина од завршената работа, за на местото каде што одите целосно да уживате во активностите. Разговарајте со детето за местото каде што одите и што ќе правите таму, што ќе гледате и зошто одите на пат. Многу е важно и што му зборувате на детето бидејќи тоа ги впива зборовите. Ако нешто ветите, треба и да го исполните, за детето да не биде разочарано. Затоа, зборувајте му за она за што сте сигурни, а за сè друго говорете му со магични зборови, на пр: „Тоа е слатка тајна за тебе!“ Проучувајте ги туристичките водичи заедно, гледајте слики на интернет, барајте хотели, забавни паркови, музеи, театри. Испечатете карта од градот и подземните железници, кои децата ги обожаваат. Така детето се учи како да се подготвува за на пат, да биде организирано и самостојно. Учи и да ги бара информациите што не ги знае.

3. Основни потреби на детето

Како и за возрасните, тука спаѓаат сонот и храната. Кога детето е поспано или гладно, тоа е нерасположено, вреска, плаче. Секое дете е различно и секој родител го приспособува патувањето според спиењето на детето колку што е тоа изводливо. Ако детето не може да спие во автомобил, автобус, воз, тогаш за почеток одбирајте поблиски дестинации. Секогаш со себе имајте храна и вода. Децата се гладни веднаш штом ќе тргнат на пат. Се претпоставува дека е така поради емоциите кои позитивно им влијаат и им ја трошат енергијата. Ако сте и вие позитивни, и мислите и делата ваши ќе бидат позитивни. Има ли поголема лекција за детето од ова?

4. Превозни средства

На почетокот тргнете на пат со сопствено возило бидејќи така ќе бидете флексибилни, особено во моментите кога детето ќе мора да оди во тоалет или малку да ги растегне нозете. А кога веќе ќе биде способно да патува неколку часа, можете да ги пробате сите превозни средства. Така ќе го научите детето на видовите превозни средства и целокупниот процес на набавување билети, следење на возниот ред, барање правец, место на седишта, каде да се стават патничките торби, правила за однесување итн.

5. Игри за патување

Децата се многу нестрпливи кога е во прашање нешто ново и за нив непознато. Тогаш постојано поставуваат прашања. За патувањето да биде безболно и побрзо да помине, важно е да ги научите децата како да патуваат. Започнете со насочување на гледањето низ прозорецот. Зборувајте за тоа што го гледате, коментирајте ја околината, времето. Детето така учи да размислува, да се изразува, учи нови поими, дознава за светот околу себе, за причинско-последичните врски, екологијата. Трудете се што повеќе да избегнувате таблети и мобилни телефони, па напишете и листа со игри. Тие ќе му го привлечат вниманието на детето, а и времето побрзо ќе помине. Играјте игри со зборови, пејте песни, снимете аудиоприказна, понесете ги играчките со кои дома не си играат, бидејќи тогаш ќе им бидат интересни зашто немаат други. На овој начин детето ќе научи да го поминува времето поинаку и поквалитетно, а ќе ги развива и комуникациските вештини и способноста за разговор и слушање.

6. Пакување

Пред да почнете да се пакувате, погледнете ја временската прогноза за да земете што помалку облека и да ги спакувате само основните и потребните работи. Вклучете ги и децата. Така тие ќе научат да ги двојат потребните од непотребните работи, да ги поврзуваат со временските услови. Научете го детето самото да ги пакува своите работи и така стимулирајте ја неговата самостојност и одговорност.

7. Пристигнување на дестинацијата

Децата со нетрпение го очекуваат пристигнувањето бидејќи тоа за нив е нешто ново и непознато. Организирајте го времето така што кога ќе стигнете, ќе му дозволите на детето да се запознае со новата средина. Оставете го да го доживее местото и сето она што го нуди. Во спротивно ќе се соочите со низа прашања. Олеснете си го патувањето и за вас и за детето.

8. Уживајте во новата средина

Направете план за различни активности, како одење во музеј, паркови, претстави, разгледување на градот, креативни работилници, игротеки за децата, возење со брод или автобус, ресторани и слично, во зависност од вашите потреби и можности. Сега е време за семејно уживање и заедништво во истражувањето на новитетите што секоја нова дестинација ги нуди. Зошто? Постои една изрека која гласи: „Патувањето е единствената работа што ја купувате, а ве прави побогати“.

Автор: Лана Кихас, едукатор, воспитувачка



912

X