Романија одобри нацрт-закон со кој жените ќе добијат право на бесплатно психолошко советување по породувањето. Досега тоа им беше достапно само додека беа во болница.
Иницијаторите на законот, инаку претставници од опозицијата, сметаат дека сегашниот систем е недоволен бидејќи во месеците по раѓањето на детето се случуваат големи емоционални и психолошки предизвици. Согласност дале и мнозинството парламентарни партии, а според новиот закон, жените ќе можат да побараат и да добијат помош во месеците по породувањето.
– Многу мајки страдаат од постпородилна депресија, а не можат да си дозволат терапија. Менталното здравје на мајката е исто толку важно како и физичкото здравје, а страдањето може да се надмине само ако престанеме да го игнорираме проблемот – вели Филип Хаварнеану, автор на предлог-законот.
Според Светската здравствена организација, 13 отсто од мајките страдаат од постпородилна депресија.
Извор: МИА