Вработените мајки во Европа и во САД го носат најголем товар за водење на домаќинството и грижа за деца за време на карантинот и многу од нив имаат тешкотии во справувањето со тоа, покажа најново истражување.

Мајките со деца работат 65 неплатени часа неделно, речиси третина повеќе од татковците, покажа анализата на „Бостон консалтинг груп“, со седиште во Бостон, која разговараше со родители од пет земји.

– Жените премногу долго го носат најголемиот товар во водењето на домаќинството, а оваа криза ги донесе до тој степен што станува неодржлив – изјави Рејчел Томас од Американското здружение за права на жените.

– Потребен ни е културен пресврт во нашите домови и во нашите компании… Ајде да го искористиме овој момент за да создадеме подобри услови за работа и живот за сите – додаде таа.

Експертите велат дека товарот на пандемијата падна на жените на голем број начини, од зголемувањето на семејното насилство до падот на приходите, бидејќи некои ги оставија своите работни места за да можат да извршуваат нови должности за време на кризата.

Откако ги затворија училиштата и ги принудија граѓаните да останат дома, активистите за човекови права ги повикаа мажите да го преземат својот дел од одговорноста.

Но жените, кои повеќе работат дома од мажите, сега го носат најголемиот дел од новиот „крупен товар“, според истражувањето на повеќе од 3.000 вработени родители во САД, Велика Британија, Италија, Германија и во Франција.

Бројот на неплатените работни часа дома за жените речиси двојно се зголеми на 65 часа неделно, во споредба со 50 работни часа од мажи.

Околу две третини од анкетираните жени изјавиле дека се загрижени за нивното ментално здравје во споредба со 50 отсто од мажите, покажа истражувањето.

Не е изненадување што жените, покрај своите работни места, извршуваат повеќе работни задачи во домаќинството и повеќе се грижат за децата, вели Жаки Хант од женската асоцијација „Екуалити Нау“.

Сепак, охрабрувачки е што мажите во Западна Африка сè повеќе се грижат за децата за време на пандемијата, што укажува на промени во социјалните норми, посочува хуманитарната организација „КЕР“, која направила мало истражување.

Извор



912

X