Повеќето од нас би признале дека доживеале загрижувачки мисли во текот на ноќта додека сме биле бремени, во кои го доведувавме во прашање нашиот избор да станеме родители или се прашувавме дали сепак ќе бидеме истата личност откако ќе станеме мајка. Оние од нас што планирале да продолжат со кариерата по породувањето исто така се прашуваа дали ќе бидат толку посветени на нивните работни места.

Не може да се негира: по породувањето се менуваат вашите приоритети. Се менувате вие. Различни проблеми имаат приоритет во различни фази од вашиот живот. Животот со новороденче е сосема поинаков од животот без дете, а животот со тинејџер е сосема различен од животот со новороденче. Со оглед на тоа што вашата главна грижа пред да имате деца можеби беше како да добиете унапредување, сега повеќе не е важно тоа.

Едно истражување ни покажува дека многу промени се случуваат откако една жена ќе се породи и мајката не е истата личност што била пред да има деца. „Сајентифик Американ“ пред неколку години објави дека речиси сите женски цицачи претрпуваат фундаментални промени во текот на бременоста и по раѓањето и дека хормоните во бременост и лактација може да го променат мозокот, зголемувајќи ја големината на невроните во некои региони и создавајќи структурни промени во други.

Други истражувања откриваат дека комбинацијата на хормони во бременоста и самото искуство и раѓање ја подобруваат нашата меморија и способноста за учење.

Промена на приоритетите

Мајките што биле прашани дали сметаат дека се промениле се согласиле.

– Кога станав мајка, на еден начин го изгубив своето „јас“. Очигледно на сите ни е потребно време за себе, но не би променила ништо. Сега сум многу повеќе од „јас“ – сега сум мајка – вели Ема, мајка на три момчиња.

Наставничката Шерин, која е и мајка на три деца, вели дека најголемата промена што ја доживеала откако станала мајка е емоционалната ранливост што ја чувствува.

– Ги гледам луѓето што ги изгубиле своите деца и постои огромен страв и знаење дека болката од таквата загуба е поголема од сѐ што некогаш сакам да доживеам. Исто така, имам поголема емпатија кон другите, додека пред да имам деца бев прилично емотивно одвоена – вели таа.

И Ема ја доживеала оваа ранливост откако станала мајка.

– Порано гледав вести или документарец и гледав како страдаат децата. Иако чувствував тага, не можев точно да разберам што претставуваат тие слики како целина. Сега секое дете во вестите е мое дете. Исто така, порано се плашев да не не бидам популарна или да не немам пари да си ги купам сите убави работи што ги имаа моите пријатели. Сега мојот страв е дека не можам да обезбедам сѐ што им е потребно на моите деца. Се плашам дека нема да бидам во можност да им го овозможам најдоброто во животот – вели таа.

– Не мислам дека длабоко се променив. Јас сѐ уште сум јас. Не се променив, но пораснав. Моето срце е поголемо и е исполнето со неизвалкана, некомплицирана и чиста љубов кон моето дете – вели Meлани, мајката на едногодишниот Еден.

Истражувачи од Холандија неодамна докажаа дека за време на бременоста феталните клетки влегуваат и се шират низ телото на мајката. Наречено „микрохимеризам“, станува збор за присуство на клетки со различно генско потекло во вашето тело. Истражувачите собирале примероци од 26 жени што биле бремени со синови и откриле присуство на Y-хромозоми кај сите.

Тоа е солиден доказ дека откако ќе станете мајка, не сте истата личност. Неизбежно е дека бременоста, раѓањето и мајчинството длабоко ќе ве променат.

Автор: Џени Данлоп

Извор



912

X