Родителството е голема промена, како за мајките така и за татковците. Многу бремени жени се подготвуваат за породувањето, читаат за новороденчиња и можни проблеми околу доењето, но кога ќе стигне бебето, никогаш не се целосно подготвени. По непроспиените ноќи и усогласувањето со ритамот на бебето, многу работи сè уште остануваат нејасни. Борејќи се со исцрпеноста, многу нови мајки забележуваат работи што сè повеќе им пречат. Мајките на форумот „Клоканица“ ги споделиле своите искуства на темата „Што најмногу ве нервира откако станавте мајки?“
Една од работите што почесто се споменуваат се советите поврзани со исхраната на бебето и коментарите дека бебето „сигурно е гладно“.

Една мајка го споделила своето искуство: „Кога сме кај храната – сите овде го споделуваме истиот случај – ние сме тотални чудаци затоа што нашето дете не знае каков вкус има чоколадото или смоките од кикиритки. Мојата мајка постојано му дава сок на бебето наместо вода. А свекрвата се обиде да му тупне колачи со ореви и со афион“.
Една друга мајка се надоврза на ова: „Јас се скарав со татко ми бидејќи не ѝ дадов на малечката да јаде сарми. Како може бебе од 9 месеци да јаде сарми? Ми рече дека правам ‘мимоза’ од неа, дека или ништо нема да сака да јаде или ќе има желба да пробува сè, а потоа ќе се прејадува зад мојот грб!“

Не сме само мајки

„Наскоро ќе ми биде роденден. Една пријателка ми најави дека ќе ми купи лигавчиња, а друга – сунѓерести подни сложувалки. Разбирам дека на сите малата им е поинтересна, но не мора да ми купуваат играчки за мојот роденден!“, се пошегува една од мајките. Друга, пак, коментираше дека кога ќе станеш мајка, како другите да забораваат дека не си само тоа.
„Откако се породив пред 2 месеца, како да сум невидлива. Кога ќе ни дојдат гости, сите гледаат во малиот, мене дури и не ме поздравуваат, а и роднините се однесуваат така. Ми недостига времето што го поминував со сопругот пред да се породам“, тажно заклучува една мајка, која се бори со чувства кои се нормални по породувањето.

Премногу или премалку облечено бебе

„Добив совет дека син ми ќе добие бронхитис и воспаление на белите дробови затоа што, на плус 35 степени, не сум му ставила чорапчиња на нозете и јакна“, напиша една мајка.
„Мене сè ме нервира. Каде ѝ е капчето (а надвор ни „в“ од ветер ни „с“ од сонце), прихрани ја (а првиот месец доби 1.400 грама), облечи ја, слечи ја, жешко ѝ е, студено ѝ е, покриј ја со ќебенце“, го опиша своето искуство една читателка.

Зошто доиш, зошто не доиш?

Многу мајки се соочиле со коментари од луѓе кои ги сметаат за неповикани да го направат тоа. „Малечката има грчеви и често плаче, а јас сум на крај со нервите. Повеќе од половина ден и јас плачам со неа. И потоа ми доаѓа сосетката и ме прашува дали ја хранам малата со адаптирана храна (?!?), а јас ѝ велам дека ја дојам. Почна да се прави паметна дека затоа се дерело детето, било гладно бидејќи немам доволно млеко, па требало да му давам адаптирана храна пред спиење, па сè ќе било во ред“, опиша една гневна мајка, додавајќи дека таа жена воопшто не ја познава, а почнала да коментира за работи што не ја засегаат.

Понекогаш и семејството предизвикува бурни реакции, како во овој случај: „Ме посетија мајка ми, тетка ми и баба ми – такви педијатри и патронажни сестри нема никаде на друго место. Значи, моето млеко не чини, треба да купам адаптирано млеко и со тоа да го хранам бебето, моите брадавици се премали (мене ми изгледаат големи!). Потоа, зошто бебето не е на перница, па зошто го држам во рацете, треба да му дадам цуцла-лажалка за да не ми виси постојано на градите, тоа сето треба да се направи бидејќи е така подобро“.

„Најдобри ми се коментарите зошто уште го дојам, па детето наполнило 8,5 месеци! Според моите, бебето мора сè да јаде и тоа е тоа… какво доење“, заклучи една мајка.

За крај, издвоивме еден коментар со убава порака до сите идни и сегашни мамички: „Јас имав околу себе многу млади жени со мали деца и секоја од нив помина низ истиот процес („совети“ од околината, погрешни процени од докторот). Кога сè ќе собереш, сфаќаш дека секоја мајка знаела што е најдобро за нејзиното дете“.



912

X