Игротека

Мајките од Холандија даваат совети како да одгледате среќно дете

Холандските родители немаат исклучителни начини за справување со детето, но се чини дека работите одлично функционираат. Дури и истражувачите докажале дека холандските деца се многу понапред од нивните врсници од целиот свет во однос на благосостојбата и среќата. Така што, ако сакате да знаете по што се издвојуваат мајките во Холандија, прочитајте во продолжение.

13. Дајте им повеќе време за спиење

Фокусот на одморот е буквално врежан во холандската култура на родителство. За разлика од другите нации кои имаат тенденција да ги престимулираат своите деца, холандските родители обично избираат активности со помал интензитет дома. Ова им помага на децата да бидат посмирени и да имаат редовни навики за спиење.

Некои истражувања дури покажуваат дека холандските бебиња на возраст од 6 месеци имаат дополнителни 2 часа сон на ден во споредба со американските бебиња. И бидејќи бебињата спијат подобро, и мајките спијат подобро и се поодморени.

12. Оставете ги да јадат чоколадо за појадок

Јадењето чоколадо за појадок можеби звучи како лоша идеја, но не за холандските мајки. Тие всушност веруваат дека ако им дозволат на децата да јадат чоколадни трошки наутро, чоколадото станува помалку табу и децата учат да имаат поголема самоконтрола. Најважното нешто е да се има на ум дека сè е добро доколку е умерено.

11. Покажете им дека парите не се важни

Холанѓаните главно се фокусираат на едноставен живот, со активности што не чинат многу пари и основни пристапи. Во оваа земја децата се навикнати да имаат играчки од втора рака бидејќи знаат дека ако сакаат нешто, мора да го заработат. Ова им помага на децата да бидат попрагматични и самоуверени и да не се грижат за нивниот финансиски статус.

Дури и кога холандските деца слават роденден, тие не очекуваат скапи подароци или облека. Постои и договор дека подароците на родендените не треба да чинат повеќе од 10 евра. Ова е така затоа што на родендените децата се собираат да играат и да се забавуваат наместо да се фалат со пари.

10. Дозволете им на другите членови од семејството да поминат повеќе време со нив

Во оваа земја децата поминуваат многу време со нивните татковци, кои обично го распоредуваат своето полно работно време во четири дена, посветувајќи им најмалку еден ден во неделата на своите деца. Овој ден дури и има име: „Ден на таткото“.

Исто така, постои и „Ома ден“ кога децата се оставаат со бабите и дедовците во одреден ден секоја недела. Се проценува дека 50 до 60 отсто од холандските баби и дедовци се вклучени во некаква форма на грижа, така што никој не е изненаден кога баба и дедо туркаат количка во паркот.

9. Охрабрувајте ги да го кажат своето мислење

Во холандско семејство сите, вклучувајќи ги и најмладите, имаат право на свое мислење. И иако понекогаш преговорите со 3-годишно дете се исцрпувачки, мајките веруваат дека тоа ги учи децата како да постават сопствени граници и како да кажат што сакаат на јасен начин.

Холандските родители се обидуваат да создадат правила заедно со децата. На пример, ако имате проблем со вашето дете затоа што предолго седи пред екран, можете да разговарате и да го оставите да одлучи колку време ќе може да седи секој ден.

8. Создајте сопствени семејни ритуали

Еден од највредните столбови на родителство за Холанѓаните е рутината. Рутината значи предвидливост, а предвидливоста значи добро менаџирање. Кога имате строг распоред, вашите деца секогаш знаат кога е време да се јаде, кога е време за одмор и кога е време за игра со другарчињата.

На овој начин има помалку неред за родителите, сите знаат што се очекува од нив, децата не огладнуваат или не се поспани во незгодно време и полесно се одржуваат здравите навики во исхраната.

Што се однесува до јадењето, за Холанѓаните се важни семејните оброци. Не е важно само да ќе ги натерате децата да јадат зеленчук, туку семејните оброци за Холанѓаните се свети затоа што тие го обединуваат целото семејство низ разговори и ги прават да се чувствуваат поблиски едни со други.

7. Не им вршат притисок

Во другите земји родителите премногу ги стимулираат своите деца, ставајќи акцент на нивниот когнитивен и креативен развој уште од рана возраст. За разлика од другите родители, Холанѓаните можеби изгледаат мрзливи и воопшто незагрижени бидејќи едноставно ги оставаат децата да бидат деца. Според нив, за новороденчето светот е интересен и стимулирачки без никакви дополнителни работи.

Тие се сигурни дека нивното бебе ќе ползи, оди и зборува кога ќе биде подготвено, така што не е потребен дополнителен тренинг или притисок, само многу љубов и интеракција.

Освен тоа, Холанѓаните не ги туркаат своите деца и кога станува збор за училишниот успех. Тие не ги учат децата букви, градинките главно се за играње и децата немаат дополнителни часови во основно училиште. Освен тоа, повеќето деца имаат многу малку домашни задачи или воопшто немаат.

И покрај сето ова навидум занемарување за образовниот процес, Холандија е трета најдобра земја кога станува збор за образованието, веднаш по Финска и Сингапур. Причината за ова може да биде тоа што децата немаат никаков стрес и со тоа се создава здрава состојба на учење.

6. Ги оставаат да го истражуваат светот сами

Холандскиот стил на родителство е посветен на одржување рамнотежа помеѓу вклученоста на родителите и мекото занемарување. Мајките не се „хеликоптер-родители“ во парковите и не се обидуваат да го држат детето безбедно од сите опасности од надворешниот свет. Наместо тоа, тие веруваат дека децата треба да играат посамостојно, без да се мешаат.

Од првите години на училиште холандските деца се охрабруваат да се договараат со другарчињата за посета и игра. Нивните родители разговараат и се договараат во чиј дом ќе играат децата, кога треба да се земат и така натаму. Во текот на играта децата се забавуваат, играат со нивните пријатели и браќа и сестри надвор, без надзор.

Не дека Холанѓаните не се загрижени за своите деца. Како и сите родители, и тие имаат грижи. Но, наместо да се обидуваат да контролираат сè, тие сакаат да ги опремат своите деца уште од рана возраст со вештини што им се потребни во иднина. На пример, уште од 2 години нивните деца учат за основните сообраќајни правила. А на 5-годишна возраст тие имаат дипломи по пливање.

Овој минималистички пристап кон родителството ги учи децата да си бидат доволни самите и да прифаќаат одговорност уште на рана возраст.

5. Никогаш не заборавајте на себе

Среќните родители имаат среќни деца – ова може да се примени во секоја нација, но е особено точно кога станува збор за Холанѓаните. Мајките имаат пореална визија за родителството и разбираат дека и тие и нивните деца не се совршени. Никогаш не се натпреваруваат меѓу себе и не ги осудуваат нивните несовршености и недостатоци.

Холанѓанките имаат и добра рамнотежа меѓу животот и работата. Повеќето од нив работат со скратено работно време, така што не само што можат да поминат повеќе време со децата, туку имаат и време за себе. Ова им дава поголемо чувство на доверба и општа благосостојба.

4. Ги оставаат да возат велосипед на дожд

Холанѓаните не користат автомобили, па децата одат на училиште со велосипед. Но, постои еден проблем – времето. Во Холандија често врне дожд, има силен ветер, а просечните температури во зима се од 1 до 4 степени. Сепак, ова не ги спречува Холанѓаните да возат велосипеди.

За да преживеат во овие временски услови, Холанѓаните се облекуваат во топла облека, водоотпорни палта и чизми за дожд и излегуваат на дожд. Возењето велосипед на дожд ги учи децата на моќна лекција – животот не е секогаш сончев и полн со виножита, така што важно е да не се откажуваат под никакви околности.

3. Разговарајте со нив за интимни теми

Холанѓаните разговараат со своите деца за сè, за нив нема забранети теми. Почнувајќи од 4-годишна возраст, децата учат како се разликуваат едни од други и што треба да знаат за тоа. Како што детето старее, темите стануваат подетални и поексплицитни, така што до моментот кога ќе дојдат до тинејџерските години, тие веќе се чувствуваат пријатно во своето тело.

Тинејџерите имаат дозвола да преспијат кај нивните момчиња/девојки затоа што за родителите најважно е тие да бидат во безбедна средина. Благодарение на ова, децата им веруваат на своите родители и секогаш доаѓаат кај нив во случај да имаат проблем или да им е потребен совет.

Холандската влада го поддржува овој модел на родителство и на децата им овозможува бесплатни прегледи, апчиња за контрацепција и абортус за помлади од 22 години без родителска согласност. Поради оваа политика, Холандија има една од најниските стапки на бременост на тинејџери во Европа.

2. Направете ги среќни, а не успешни

Секако, и Холанѓаните имаат амбиции за своите деца, како сите други родители, но нивната визија за успех е поинаква. Додека повеќето мајки во земјите низ светот се фалат со тоа колку петки добиле нивните деца на училиште, холандските мајки повеќе се грижат за благосостојбата на нивните деца.

За да бидат успешни, децата треба да бидат среќни, самосвесни, мотивирани, независни и да имаат позитивни врски со семејството и пријателите – тоа е она во што веруваат Холанѓаните. И според нив, само ова чувство кон среќа може да доведе до големи достигнувања сега и во иднина.

Освен тоа, холандските родители секогаш ги гледаат своите деца како индивидуи со свои силни и слаби страни и никогаш не се обидуваат да им ги наметнат своите вредности и соништа.

1. Поставете им добар пример

Применувајте го она што го проповедате – ова е едно од најсуштинските правила на холандското родителство. Во оваа земја мајките разбираат дека ако сакаат да одгледаат креативни, отпорни, среќни деца, треба да им дадат пример за ваква личност.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top