Ова ѝ е второ бебе, но прво родено во лето, па вели дека и покрај искуството, сѐ уште има одредени стравови

Дали смеам да го шетам бебето надвор? Што ако му е премногу топло со ракавички и капче? Дозволено ли ми е да го носам на одмор? И уште безброј други прашања што постојано се вртат во главите на младите мајки, а за кои ретко кој зборува. Топлите денови не се лесни за бебето, но и ниските температури се еднакво стресни. Какви немири им создава летото, а какви зимата?

Топлите денови се совршени за нас, но дали и за бебињата?

– Најголемата дилема ми беше што да му облечам на бебето. Барав совети во болницата во која се породив, а кај нив важеше едно правило: „Облечи го исто како тебе, само со уште еден слој плус“ – вели Марија Милковска, мајка на двомесечно бебе.
Ова е нејзино второ бебе, но прво родено во лето, па вели дека и покрај искуството, сѐ уште има одредени стравови.
– Во текот на денот ја облекувам во маичка или боди. Бидејќи таа има коса, по капење задолжително ѝ ја сушам со фен зашто постојано се плашам да не настине, иако надвор е претопло – додава Марија.
Жешкото време е одлично за нас, меѓутоа, мајките се прашуваат колку време бебињата смеат да бидат надвор, со оглед на фактот дека предолгата изложеност на сонце е штетна за бебето.
– Го чувам бебето на собна температура, на 22 степени, а во двор го носам многу кратко, до 5-10 минути во текот на денот и тоа само кога не е многу жешко, па така излегува дека речиси цел ден сме затворени дома – вели Марија.

Ако во лето ги одбегнуваме жештините, во зима мразовите се застрашувачки

Ако во лето главното прашање е дали му е доволно само едно боди, во зимските денови мајките се прашуваат кога да му облечат капче и чорапчиња. Кога на најголемото студенило ќе го додадеме и загадениот воздух, тогаш можеме да ги разбереме и стравовите на мајките што се породиле во зима.
– Земајќи ги предвид ниските температури, секогаш го облекував во два слоја. Најпрвин ќе му облечев пижами, а потоа тренирки. Секогаш размислував дали му е доволна облеката и одвреме-навреме го допирав за рачиња и нозете за да проверам дали му е ладно – вели Слаѓана Милкоска.

Борба со настинки на минусни температури

Времето ретко кога е убаво за шетање, а стравот е оправдан ако сме запознаени со сите можни вируси што владеат од декември до февруари.
– Кога го носев на прошетка, задолжително му облекував капче и ракавички. Имаше периоди кога беше настинато и имаше блага кашлица и му течеше носето, но секогаш се плашев да не се разболи сериозно – додава Слаѓана.
Така, поради студот, маглата и загаденоста на воздухот, многу ретко го напуштале домот.
Едноставно, секое време си има свои предности и маани. Борбата со временските услови никогаш не е лесна. Но, на крајот на денот, ниту една од мајките нема зажалено за донесувањето на најважната одлука во нејзиниот живот, бидејќи дури и најмалата насмевка од нејзиното најмило го прави секој страв само уште едно минливо чувство.



912

X