Анализа на примероци од крв покажала дека од 2 до 5 години откако ќе се породат, мајките на деца со нарушувања од спектарот на аутизам имаат значајно различни нивоа на одредени метаболити во споредба со мајките што добиле деца со уреден развој.

Ова е резултат од новото истражување неодамна објавено во списанието „БМЦ педијатрикс“, во чие спроведување учествувала и клиниката „Мејо“. Научниците анализирале примероци од крв на 30 мајки на чии деца им биле дијагностицирани нарушувања од спектарот на аутизмот, како и примероци на 29 мајки на деца без нарушувања. Во моментот кога од мајките биле земени примероците децата биле на возраст од 2 до 5 години.

Истражувачкиот тим пронашол разлики во нивоата на одредени метаболити помеѓу овие две групи мајки. Иако примероците се земени неколку години по породувањето, ова истражување го наметнало и прашањето дали разликите во нивоата на метаболитот постоеле и во текот на бременоста, па се отворил простор и за нови истражувања во оваа област.

Повеќето од тие разлики се однесувале на нивото на фолати, витамин Б12 и конјугиран молекулен карнитин. Карнитинот може да биде произведен во телото, но неговиот извор може да биде и месо, како свинско или говедско. Од друга страна, не е пронајдена врска помеѓу мајките што јаделе повеќе месо и оние што имале високи нова на карнитин, па не може да се тврди дека поголемата консумација на месо има индиректно влијание на оваа разлика.

Како што вели Јурген Хан, раководител на одделението за биомедицински инженеринг и еден од авторите на ова истражување, резултатите посочуваат дека разликата во нивото на карнитин би можела да биде поврзана со тоа на кој начин карнитинот се „обработува“ во телото на одредени мајки. „Во тој правец дефинитивно треба понатаму да се истражува“, вели Хан. Резултатите од досега објавените истражувања посочуваат и дека развојот на тестови од крвта ќе помогне да се уочат идните мајки што се во поголем ризик од добивање дете со аутизам.

– Овие анализи нема да ни помогнат да дознаеме дали детето ќе има аутизам, но ќе знаеме дали за тоа постои поголем ризик – објаснува Хан.

Врз основа на овие истражувања, истиот тим веќе ја почнува следната фаза, каде што собира примероци од крв од идните мајки во текот на бременоста за да се утврди дали нивоата на метаболити се разликуваат во текот на бременоста. Инаку, професорот Хан претходно открил одредени обрасци кога се работи за метаболитите во крвта на децата со аутизам, кои се разликуваат од оние што се присутни кај децата со уреден развој. Мерењето на овие метаболити може да се користи за да се предвиди дијагнозата, и тоа прилично успешно.

Извор



912

X