Може да се каже дека многумина од вас ќе реагираат на овој наслов со нешто од типот: „Зарем се шегувате, кажете ми нешто што не знам!“

Но, исто така, може со голема сигурност да се каже и дека многумина ќе реагираат со размислување од типот: „Навистина не ми е гајле, секој нека си ја гледа својата работа и секој нека е среќен“.

И сите се во право. Речиси секоја страна во оваа приказна е во ред. Секој има своја задача, секој има своја работа, секој има свој пат и своја приказна.

Истражувањата покажале дека мајките инфлуенсерки можат повеќе да им штетат отколку да им користат на новите мајки. Резултатите од истражувањето биле објавени во „Журнал за емитување и електронски медиуми“, а овие резултати покажале дека дотераните или идеализирани претстави на мајчинството – т.е. претерано чистата куќа, исклучиво среќните деца, совршената коса и шминка, кои се примери споделени на социјалните мрежи – можат да ја зголемат вознемиреноста и зависта кај новите мајки.

Чувствителен период

Имено, истражувачите од Универзитетот „Небраска-Линколн“ испитувале 464 нови мајки кои се обидувале да разберат дали одредени особини кои на одреден начин ги усвоиле со тоа што станале мајки, би можеле да ги направат почувствителни на негативните ефекти од идеализираните претстави на мајчинството кои се споделуваат на интернет. Генерално, тие откриле дека премногу гламурозните објави на социјалните мрежи имаат негативен ефект врз оние мајки што се посклони кон „социјални споредби“.

Утврдено е дека истите мајки имаат поголема веројатност да станат помалку сигурни во сопствените родителски способности откако ќе се идентификуваат со овие објави.

– Сите ние имаме тенденција да се споредуваме, но некои од нас се посклони кон споредба од другите. Ако знаеме како овие објави влијаат врз мајките и дека се поштетни за одредени мајки, тогаш тоа ни помага, од гледиште на создавање стратешки здравствени комуникации – вели Сиера Киркпатрик, водич на студијата.

Видеата се помалиот притисок

Одредувањето кој може да биде поранлив на негативните ефекти на социјалните медиуми ќе им овозможи на експертите да интервенираат, пред негативните влијанија да почнат да го земаат својот данок. Киркпатрик, исто така, истакнала дека алгоритамската промена од фотографии на видео (т.е. Тик-ток, Инстаграм), го намалила бројот на совршени објави бидејќи ја намалила можноста за уредување и филтрирање.

-Мислам дека беше полесно, со фотографијата, да се долови токму она што го сакате и да се изостави сè друго. Малку е потешко да се осигуриме дека сè е совршено на видеото и гледам дека има сè повеќе обиди да се покажат реални прикази на мајчинството, додека собирав вакви објави за следната студија – коментирала Киркпатрик.

Сепак, мајките кои се предмет на споредба не се целосно ослободени од чувствата на инфериорност со видеосодржините на мајките инфлуенсерки. Киркпатрик открила дека можеби има работи кои, заедно со идеализацијата, ги влошуваат работите за новите мајки.

– Имам многу примери на мајки по породувањето кои ги покажуваат своите работи што мора да ги имаат – креветче од 1.000 евра или машина за миење шишиња од 300 евра и други навистина скапи работи – и тоа веројатно врши притисок врз мајките. Или видеозаписите за „типичниот ден“ на мајките, кои покажуваат дека мајките по породувањето планираат оброк или ја чистат својата куќа секоја вечер. Тоа само го зголемува притисокот. Не прозиваме никого и не мислиме дека некој прави нешто погрешно. Ќе заклучиме само дека на мајките денес не им е лесно… – истакнала Киркпатрик.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X