Ги гледам повремено албумите кои почнав да ги правам кога го родив моето дете. Констатирам дека сум се променила. Тоа е сосема нормално, кај никого годините не одат наназад, па ни кај мене. Но, не е во тоа поентата. Гледам на себе траги од неволји, грижи, непроспиени ноќи. Гледам фотографии од ќерката додека била бебе, а потоа го гледам сопствениот одраз во огледало. Промените се очигледни, но не само затоа што оттогаш поминале години. Разликата е во животот што сум го водела и тој што сега го водам.

Пред 4 години, за време на рутински лекарски преглед, ми беше откриен тумор на штитната жлезда. Голем тумор, за среќа, бениген, настанал најверојатно како последица од години акумулиран стрес и несреќен живот. Туморот го оперирав, но недостатокот во работата на штитната жлезда си го направи своето. Јас, која себеси секогаш се сметав за апсолутно здрава и вечна, почнав да попуштам.

И така почнав да се клукам со суплементи. За штитната жлезда. За метаболизмот. За енергијата. Овој витамин, оној витамин, нема што не пиев. Во зависност од годишното време и парите, при рака секогаш ми беа шишенца со секакви таблети кои ги трошам како од нив животот да ми зависи. Пред една недела ќерка ми отиде на рекреативна настава. Тој петок наутро дојде нејзиниот татко за да ја испратиме заедно. Последните години ретко доаѓа кај нас. Односите ни се прилично заладени. Освен тоа, тој има ново семејство и сѐ помалку време, па главно се гледаме на вратата од неговата куќа кога ја земам ќерка ми.

Седна на трпезариската маса, ги здогледа наредените шишенца со суплементи и коментираше: „Не е ни чудо што имаш толку енергија кога го пиеш сето ова“.

Енергија. Клучниот збор на 21 век. Позитивна енергија, добра енергија, лоша енергија. Имам јас енергија, и тоа како. Но, не верувам дека потекнува од суплементите. Често се прашувам од каде воопшто имам сила да прескокнувам препреки, да се трудам и да се борам, да станам и да продолжам понатаму кога ми се чини дека само што не сум паднала. Пред некое утро, додека се возев на работа, посакав да го паркирам автомобилот до тротоарот, да го исклучам моторот и да ги затворам очите на неколку минути. Не знам што ми беше и зошто, бев наспана и немаше ама баш никаква конкретна причина за така да се чувствувам. Пијам суплементи, да, а дали помагаат, не сум сигурна. На долг рок веројатно значат нешто. Но, не се суплементите оние што на мајките им даваат сила и волја кои ни се и тоа како потребни.

Во што лежи мојата тајна? Во што лежи тајната на сите мајки на овој свет? Ние имаме супермоќи.

Можеме да возиме ваму-таму, па онаму, па пак таму, па назад и потоа од почеток. Фала им на мобилниот телефон и на кафето за носење, помагаат да убиеме време додека ги чекаме децата пред училиштата за странски јазици, спорт, глума…

Имаме моќ да ги истераме лошите соништа со неколку едноставни збора: сѐ е во ред, спиј. Ако не помогне, детето едноставно доаѓа кај вас в кревет и проблемот е решен.

Имаме моќ да ги замениме или да ги надоместиме оштетените работи. Како, на пример, моливи или гуми. Умееме од фиока да го извлечеме баш бележникот кој е потребен за утре. Или лепило. Или нов шрафцигер. Имаме супермоќ да го нахраниме детето кое не сака да јаде, да кажуваме какви било глупави приказни кои ќе ги слуша со ширум отворена уста (и оп, авионот влетува право во гаража… зини… џвакај… нема плукање…).

Благодарение на супермоќите, секогаш го слушаме детето кога по нас вика „мамооо“… ги слушаме и туѓите деца. Кој и да вика мамооо, ние скокнуваме и трчаме.

Имаме супермоќ да останеме будни цела ноќ ако детето ни е болно. Благодарение на супермоќите, мајките може да го отворат секое пакување, кутија, што било што детето не може. Мајките имаат супермоќ да создадат пари и кога ги немаат: за нови чевли, јакна или играчка која детето многу ја сака, баш сега. Мајките имаат супермоќ да го преведат кенкањето на детето во јасна потреба или желба. Секогаш знаат зошто детето лелека, плаче или ги пружа рацете.

Мојата посебна супермоќ: можам да ја пронајдам секоја изгубена играчка во куќата. Земајќи предвид колку имаме и колкав хаос е кај нас, ова е навистина сериозна супермоќ.

И така, поентата не е во суплементите. Односно, тие сигурно значат, во спротивно залудно на нив потрошив ужасно многу пари. Но, поентата е пред сѐ во добро познатата природна појава која се нарекува – супермама.

Бидејќи супермајките имаат супермоќи.

Автор: Владана



912

X