Мајките, за утре (17 септември), најавуваат протест пред Владата поради владината одлука за укинување на правото на продолжено породилно отсуство, во време на пандемија. Протестот го организираат за да ја убедат Владата оваа категорија на родители да останат дома до 31 декември оваа година.

„Ние, мајките на породилно отсуство, мудро молчевме и се надевавме дека Владата ке донесе разумна одлука за продолжување на породилното отсуство но истата ја изневери нашата доверба. Согласно донесена одлука која не става пред свршен чин бидејки стотици деца се одбиени од градинките заради новите протоколи, заради краткиот рок што не ни дозволува и на тие што се примени да го пројдат задолжителниот период на адаптација и најважно од се илјадници деца со чиј живот не би експериментирале“, стои во најавата за протестот.

Со протестот се бара продолжување на породилното отсуство до 31.12.2020 година, за што беше креирана и онлајн петиција која ја потпишаа над 3.290 мајки.

Апел до Владата да ја преиспита одлуката за враќање на работа и од породилно на родителите на деца до 10 години испрати и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

-Во услови кога сè уште не се јасни начините како ќе се продолжи образовниот процес, бројките на заразени случаи сè уште немаат тренд на опаѓање, изменети услови на учење без разлика на изборот – со физичко присуство или онлајн, сметаме дека одлуката е неконзистентна со претходните одлуки и премногу е краток рокот за да им се овозможи на родителите соодветно да се организираат – велат од „Меѓаши“.

Владата ја укина мерката за ослободување од работа на родителите на деца до 10 години и донесе одлука дека тие ќе мора да се вратат на работа до 23 септември. Истовремено, го прекина продолженото породилно отсуство и донесе одлука за зголемување на бројот на децата во јасли, од 6 на 12 деца во група.



912

X