Здравје

Мајки во САД бараат „царскиот рез“ да стане „стомачно породување“

Кога се зборува за „царскиот рез“, повеќе се укажува на хируршкиот зафат отколку на убавината на раѓањето дете. Токму поради тоа, новиот термин „стомачно породување“ им овозможува на сите мајки да се чувствуваат рамноправно.
Многу термини поврзани со раѓањето дете можат да бидат проблематични за некои мајки, особено за оние што се породиле со царски рез. Имено, жените во САД покренаа иницијатива за промена на терминот „царски рез“ поради штетните конотации што се поврзани со него, а кои на некој начин го намалуваат искуството на мајките што се породиле со помош на хируршка интервенција во споредба со мајките што се породиле по природен пат.

 

„Го раѓате бебето низ стомакот“

Терминот „стомачно породување“ ги зајакнува жените за разлика од терминот „царски рез“. Трудницата Џордан Грисом малку се разочарала кога дознала дека ќе се породи со царски рез затоа што била под влијание на мислењето на околината дека царскиот рез не е вистинско породување. Сепак, го сменила мислењето кога нејзината бабица го нарекла царскиот рез – „стомачно породување“, па идната мајка се почувствувала многу попријатно.
„За мене, терминот стомачно породување е исто што и царски рез. Го раѓате своето дете низ стомакот. Многу жени чувствуваат дека потфрлиле затоа што се породиле со царски рез, а тоа едноставно не е така. Користењето на тој поим укажува на главната поента, а тоа е дека и ние сме родиле“, вели 28-годишната Џордан.

Точно тој термин – „стомачно породување“ – е смислен за да ги зајакне жените што чувствуваат како да го пропуштаат искуството на природното породување.
Кога се зборува за царскиот рез, често се зборува како нешто да ѝ се случило на жената наместо дека жената нешто направила, како што е случај кај природното породување.
Жените што ја покренаа оваа иницијатива сметаат дека терминот „стомачно породување“ ѝ ја враќа таа моќ на мајката.

Со менувањето на јазикот ги менувате и начинот на размислување и искуството

Бабицата Флор Круз објасни дека отсекогаш го употребувала терминот „стомачно породување“ за идните мајки да не се почувствуваат дека нивното породување на кој било начин е помалку важно или помалку достојно за воодушевување.
Иницијативата за преименување на терминот царски рез во стомачно породување, според неа, е поттикнувачки потег зашто прикажува позитивен јазик кој може да ги отстрани негативните ставови, уверувања и емоции поради таквиот вид породување.
„Сменете го јазикот, сменете го начинот на размислување. Кога ќе го смените начинот на размислување, се менува и искуството, како верижна реакција“, објаснува бабицата.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top