Исцрпена мајка сфатила дека всушност заборавила да ужива во својот живот. Многу мајки ќе се препознат во оваа приказна – и се надеваме дека ќе го прифатат советот!
Мојот сопруг и ќерка ми си играа наоколу, се забавуваа и се смееја. Јас стоев настрана и се плашев дека може да ја скршат шолјата, да го изгубат далечинскиот управувач или дека ќерка ми може да падне и да се повреди.
Зошто постојано сум ваква? Зошто цело време сум сериозна? Зарем толку е тешко да се забавувам?
Сето ова се случува бидејќи сум заборавила да се смеам и да се забавувам, првенствено затоа што сум заборавила да ги оставам настрана сите тие грижи што секојдневно ми се во умот.
Постојано се фаќам себеси во моменти на стрес околу тоа дали детето ќе се повреди, дали ќе настане хаос или дали ќе има последици од каква било акција.
Навистина сум крадец на сопствената среќа
Кога целото семејство е заедно и ужива во дружењето, јас сум таа што ја пресметува штетата што може да настане. Размислувам што сè подоцна ќе морам да чистам и што може да се скрши. Цело време се прашувам кое дете прво ќе се разлути бидејќи е гладно, како и кое од децата не ја завршило домашната задача.
Понекогаш навистина сум крадец на сопствената среќа. И знам дека не сум единствената.
Поради притисокот да бидеме совршени мајки, некогаш ја губиме смислата за хумор. Толку сме ограничени во текот на денот, што стануваме имуни на забава и смеење. Како да сме заглавиле во кал. Престанавме да се смееме како некогаш.
Сигурна сум дека не сум единствената мајка што поминува низ ова, нели?
Затоа, имам порака до себе, но и до сите вас што не се сеќавате кога последен пат сте уживале во некој момент без жалење и страв од потенцијална катастрофа.
Сосема е во ред да се смееме!
Во ред е да уживаме и убаво да си поминуваме! Во ред е да дозволиме да се случи хаос!
Исто така, сосема е во ред да се побара помош од семејството кога се работи за чистење наместо да мислите дека тоа е само ваша обврска.
Не мора вие да бидете единствената личност што ќе се грижи цело време. И децата можат да помогнат, а и вашиот партнер.
Сосема е во ред едноставно да ја оставите работата на мајка, наставник, чистачка, лекар, организатор, личност која секогаш и за сè се грижи, барем накратко, за навистина да се насмеете, да уживате во моментите на радост во вашето семејство.
Секогаш ќе има време за грижа и паника околу работите што треба да се направат. Но времето што се памети, кое е прекрасно и забавно, е ограничено – а некогаш и многу ретко.
Значи – смејте се, мајки! Тоа е сосема во ред!
И јас ќе се потрудам за тоа, исто така!