Не се сеќавам кога точно одлучив дека ќе ја додадам дремката во мојата дневна рутина. Мислам дека почетокот на нашите сесии со семејни дремки потекнува од деновите кога моето второродено дете не спиеше, па дремката беше клучна за да преживеам. Претходно никогаш не сум имала попладневни дремки. Ми изгледаше контрапродуктивно да спијам преку ден. Но, сега ви велам – правете го тоа. Верувајте, нема да зажалите.

Мојот син почна да спие, но јас продолжив со дремките. Тој сега има 7 години, а јас уште две деца, па секој ден по ручекот сите деца знаат дека е време за одмор. Дремката е дел од ритамот на моето семејство и јас сметам дека е толку врежана во нашето секојдневие, што секогаш мора да најдеме пауза во денот.

Тоа е клучното: паузата

Овие денови не е толку поентата во спиење, туку во можноста за одмор и рефлексија. Нема ништо помирно од прегратката со сопственото дете при попладневна, мирна дремка. Без разлика дали е бебе или дете од 7 години, на овој начин си обезбедувате совршен одмор. Често слушам аудиокнига или музика додека го дојам или заспивам моето најмалечко и потоа одам во кревет. Ги дофаќам рачињата на најголемото и патуваме заедно во светот на соништата. Понекогаш спиеме еден час, понекогаш дури и три во зависност од обврските што сме ги имале утрината. И го обожаваме сето тоа.

Попладневната дремка го дели нашиот ден на две сегмента

Имаме утрински обврски, време за ручек, одмор, а потоа нашата вечерна рутина е полна со време поминато надвор, вечера, расчистување и легнување. Јас сум голем обожавател на организирање на денот. Организацијата и одморот ми помагаат да бидам попродуктивна. Во текот на попладнето се одморам и ги прегрнувам моите деца, а навечер уживам во тивко, продуктивно време сама.

Дремката ми стана потреба

Мирниот сон носи совршен одмор во стресни времиња. За време на непланираните денови поминати дома, кои не знаеме кога ќе завршат, дремката е одлична работа за да имате енергија за активностите што ќе ги испланирате. Затоа оставете ги дополнителните проекти, лебот кој треба да го испечете, плакарот кој треба да го расчистите. Исклучете се од социјалните мрежи, прегрнете се со оние што ги сакате најмногу и наполнете ги батериите со освежувачка дремка. Потоа можете да ги завршите обврските што ви биле на ум.

Мајко, легни да се одмориш

Почнете од утре. Можеби ќе бидат потребни неколку дена за децата да се навикнат на новата рутина, но ви ветувам дека вашето присуство – дури и додека спиете – ќе им донесе чувство на стабилност на вашите деца и одморот што ќе го добиете ќе ви даде енергија за да продолжите да функционирате во овие предизвикувачки времиња. Бидејќи мајките се обично центарот на семејството, кои држат сè на едно место, би рекла дека дремката не е луксуз – туку потреба.

Автор: Гречен Босио

Извор



912

X