Секоја секунда што ја поминува во мајчината прегратка е извонредно важна за бебето, а особено е важно мајката и бебето да остварат контакт веднаш по породувањето. Таканаречениот контакт „кожа на кожа“ е оној непосредно по раѓањето, кога бебето се става на мајчините гради и му се дава време само да ја пронајде мајчината брадавица, па се забавува производството на адреналин кој често може да го попречува производството на окситоцин и пролактин, хормони многу важни за поврзаноста на бебето со мајката и за успешно доење.

Овој феномен првпат е опишан во 1987 година во Шведска, на Институтот Каролинска. Иако бебињата по раѓањето ни изгледаат многу кревки, па мислиме дека ништо не можат сами да направат, тие се способни за неверојатни работи. По фазата на опуштање и разбудување, која е многу важна бидејќи бебето тогаш ја истражува својата околина, секое новороденче, непосредно по раѓањето кога ќе го легнете на мајчините гради, почнува спонтано да цица. Тоа рефлексно почнува да се оттурнува од мајчиниот стомак и ползи кон дојките. По приближно еден час повеќето бебиња ќе ја пронајдат брадавицата и ќе почнат да цицаат. По второто хранење, среќно ќе заспијат на мајчините гради. Како е тоа можно?

Во процесот на првото доење важна улога играат многу сетила.

Сетило за мирис – Истражувањата покажале дека новороденчињата реагираат на мирисот на мајката и мирисот. И жлездите во дојките излачуваат мириси што ги привлекуваат. Овие атрактивни мириси од подрачјето на дојките се особено интересни за новороденчето.

Вид – Повеќе истражувања докажале дека бебињата сакаат да гледаат лица по раѓањето, а сакаат и слики со контраст. Тоа е една од причините поради кои детето легнато на мајчините гради ќе помине одредено време гледајќи во мајчиното лице. Исто така, се верува дека подрачјето кај брадавиците во текот на бременоста потемнува токму за тој темен дел на светла заднина да го привлече вниманието на бебето.

Вкус – По раѓањето вашето новороденче е спремно за првото хранење. Тоа е изложено на различни вкусови и пред раѓањето, додека е во утробата. Тие познати вкусови за бебето се присутни и во мајчиното млеко.

Слух – Гласот на мајката е еден од најпријатните звуци за новороденото бебе. Ако мајката продолжи да разговара со своето бебе во текот на процесот на првото доење, тоа ќе се смири од познатиот глас. Покрај тоа, на новороденчето му е познат и звукот на отчукувањата на мајчиното срце.

Допир – „Кожа на кожа“ е допир кој е корисен од повеќе причини. Помага во регулирањето на телесната температура на бебето и нивото на шеќер во крвта. Новороденчињата често имаат проблем со одржувањето на телесна температура бидејќи немаат изолациски слој на маснотија под кожата кој ја олеснува регулацијата на температурата на телото. Ако бебето не е добро загреано, тоа мора да користи повеќе енергија и кислород за да ја одржи температурата стабилна, а непопречениот прв час од животот во мајчината топла прегратка го намалува ризикот од појава на хипогликемија.

Кои се придобивките од првото доење?

Едно истражување од 2015 година забележало дека повисоката температура околу ауреолата дејствува како сигнал кој бебето го води во процесот на прво доење, кое им носи многу придобивки и на бебето и на мајката.

Придобивки за бебето:

Топлина – Истражувањата покажале дека бебињата кои веднаш по породувањето поминале некое време на мајчините гради, имале подобра телесна температура од бебињата што биле веднаш ставени в креветче.

Удобност – Студиите исто така покажале дека бебињата што оствариле контакт „кожа на кожа“ со мајката помалку плачеле од оние што биле в креветче.

Зближување – Допирот „кожа на кожа“ непосредно по породувањето им овозможува на мајката и бебето подобро да се запознаат. Децата што го поминуваат процесот на првото доење подоцна ќе имаат помалку проблеми со доењето воопшто.

Придобивки за мајките

Подобро ослободување на постелката и намален ризик од постпородилно крвавење: доењето и контактот кожа на кожа може да резултираат со големо ослободување на окстиоцин, поттикнувајќи добри контракции на матката кои резултираат со ослободување на постелката. Исто така, притисокот со стапала кога бебето се оттурнува од мајчиниот стомак за да ја дофати дојката може да ѝ помогне на матката да се стегне и да ја исфрли плацентата.

Помалку болка во брадавиците: Бидејќи бебето во текот на процесот на прво доење се обидува што подобро да ја фати брадавицата, мајката подоцна ќе има помалку проблеми со брадавиците.

Поврзаност: Првите неколку секунди додека гледате во очите на своето бебе се посебни моменти, врзани за јакнењето на врската помеѓу вас и бебето. Освен тоа, наглото ослободување на хормонот окситоцин придонесува за јакнење на чувството на љубов кон вашето дете.

Што ако тоа не е можно?

Постојат ситуации кога не е можно првото доење по раѓањето. На пример, понекогаш на бебето или на мајката по породувањето треба да им се укаже итна медицинска помош. И некои други ситуации може да го направат тој процес непрактичен, што не значи дека сите придобивки се изгубени. Многу придобивки од иницијалното доење се и во тоа што детето подолго време е поврзано со мајката. Бебето можете почесто да го ставате на градите во првите недели од неговиот живот, дури и ако не ви е цел самиот процес на доење. Времето што така го поминувате со своето бебе ја зацврстува вашата врска, а на бебето му дава чувство на сигурност.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор



912

X