Мајката ги црпи своите емоции, знаење и способност поврзани за нега на детето од знаењето, интуицијата и најраните искуства од своето детство.

Односот на мајката кон детето во голема мера зависи од односот на мајката со нејзината мајка. Емоционалната врска помеѓу мајката и детето, секогаш со нова доработка, се пренесува од генерација на генерација. Мајката не може и не треба да биде совршена.

Потребно е, како што вели Виникот (англиски педијатар и психоаналитичар) да биде „доволно добра мајка“, да биде способна да ги препознае и следи потребите на своето дете, некогаш и да греши, но севкупно гледано, таа да биде тука за своето дете.

Доволно добрата мајка може да биде подобра за детето, но и за самата себе, ако има поддршка од семејството, особено од таткото. Односот на мајката и таткото, како и чувствата што таткото ги има кон детето, во голема мера го одредуваат односот на мајката кон детето.

Според Виникот, доволно добрата мајка е искрено преокупирана со тоа што е мајка. Таа обрнува внимание на своето бебе. Таа создава поддржувачко опкружување. Нуди истовремено и физичка и емотивна нега. Дава сигурност. Кога нема да успее, се обидува повторно. Излегува на крај со болните чувства. Таа се жртвува. Таа не е божица, таа е градинар. Се грижи за своето бебе со љубов, трпение, труд и негување. Она што ми се допаѓа кај Виникотовата слика за доволно добра мајка е тоа што таа е тродимензионално човечко битие.

Таа е мајка под притисок и оптоварување. Таа е полна со амбивалентни чувства по повод мајчинството. Таа е истовремено несебична и заинтересирана за својот интерес. Таа се врти кон своето дете и се одвртува од него. Способна е за голема посветеност, но и склона да биде нервозна. Изнервирана. Виникот дури се осмелува да каже дека доволно добрата мајка го сака своето дете, но, исто така, остава простор и да го мрази. Таа не е безгранична. Таа е реална.

Децата што имаат позитивни внатрешни слики за своите мајки чувствуваат потпора и кога се возрасни, па може да развијат квалитетни, стабилни врски и со другите лица.

Извор



912

X