Мајка почнала да плаче бидејќи не можела да најде адаптирано млеко за нејзиното новородено бебе – панични купувачи ги испразниле рафтовите во супермаркетот. Продавниците во Обединетото Кралство се борат да ги задоволат барањата на потрошувачите поради кризата со коронавирусот кој се шири низ светот. Млеко, леб, лекови и средства за чистење не можат да се најдат никаде во Гован, Глазгов, а една жена од персоналот во супермаркетот каде што била мајката, Гема Коноли, раскажала за тоа што го видела. Младата жена почнала да плаче кога сфатила дека нема млеко за нејзиното бебе, кое има само три дена.

Гема раскажува: „Местото беше испразнето, беше ужасно. Немаше основни работи во продавницата – тоалетна хартија, млеко, леб, секојдневни намирници. Зборував со едно младо момче кое ми кажа дека жена што има бебе старо само три дена плаче бидејќи не може да најде млеко во прав, тоа беше навистина бесмислено. Исто така, кажа дека стара жена претходно барала тоалетна хартија, но ништо не останало, а таа рекла дека ѝ е потребна само една ролна, па момчето не можело ништо да направи бидејќи навистина немало во продавницата. Навистина е одвратен начинот на кој луѓето се однесуваат, како да доаѓа некоја апокалипса, неприфатливо е.

34-годишна бизнисменка имала слично искуство во локалната продавница на „Лидл“, па успеала да земе малку млеко од продавница блиску до нејзиниот дом во Глазгов. Таа изјавила: „Има толку многу себичност во моментов, што планираат да прават луѓето со планини од храна, не ми е јасно“.

фото: Мишел Дејвис/Твитер

Паничното купување е толку проблематично што во „Алди“ поставиле рестрикции, па купувачите ќе можат да купат само 4 единици од сите продукти. Муштериите правеле резерви од тоалетна хартија, тестенини, средства за миење раце, санитарни гелови и лекови за болка, со што ранливите категории граѓани немале можност да го купат она што им е потребно за време на нивниот неделен шопинг.

Снабдувачите со храна апелираат до потрошувачите да купуваат одговорно за да има доволно храна за сите. Од Британскиот конзорциум за малопродажба истакнале дека работат прекумерно за нацијата да биде снабдена со доволно храна. Во нивното известување стои:

„Знаеме колку од вас се загрижени поради ширењето на Ковид-19. Сакаме да ве известиме дека правиме сè што е во наша моќ за вие и вашите семејства да бидете снабдени со храна и продукти што ви се потребни. Но, потребна ни е и вашата помош. Сакаме да ги замолиме сите да бидат внимателни и одговорни кога купуваат. Ја разбираме вашата грижа, но купувањето повеќе продукти отколку што ви е потребно некогаш значи дека останатите ќе бидат изоставени. Има доволно за сите, ако работиме заедно. Заедно можеме да се осигураме дека се грижиме за нашето семејство, пријателите, соседите. Заедно ќе се грижиме за оние околу нас и оние што се постари, ранливи или избрале да останат дома“.

фото:  SplashNews.com

Автор: Шерил Мекевој и Лорејн Кинг



912

X