Слушните помагала може да бидат трауматични за децата поради коментарите што ги добиваат од другите деца. Сара Иверми, мајка на Фреди, одлучила да направи специјални ушни апаратчиња за нејзиниот син, кој има проблем со слухот.
Нејзиниот свет се променил кога се родил Фреди. Тој е роден со цитомегаловирус. По три месеци било откриено дека има целосно губење на слухот на неговото десно уво, а левото не функционира целосно. Уште на четири месеци Фреди почнал да носи ушни помагала, а на двегодишна возраст добил кохлеарен имплант за да го стимулира аудитивниот нерв.
Секако дека за родителите не било лесно кога откриле дека Фреди ќе се разликува од другите деца, но Сара успеала да се справи со сето тоа.
– Не ни беше лесно кога дознавме за неговиот проблем, но знаев дека тоа нема да го дефинира мојот син и сфатив дека тој има исти можности и иднина како и другите деца – вели Сара.
Фреди со радост ги покажува своите слушни помагала благодарение на неговата мајка, која ги претвора во нешто забавно и пријатно. Таа ја добила идејата кога ќерката на нејзина пријателка имала непријатен настан на училиште кога учениците се шегувале со неа поради слушното апаратче.
Иако нејзиниот син не добил негативни коментари, Сара не губела време и истражувала дали постојат начини да ги украси.
Откако извесно време истражувала, забележала дека ниту една компанија не го нуди она што ѝ е потребно за да ги приспособи овие уреди, па одлучила сама да ги направи етикетите. Така ја создала компанијата „Лугс“, која произведува украсни слушни помагала за деца кои имаат проблеми со слухот.