Еден од најубавите делови за пречекување на вашето бебе во светот е најавување за неговото пристигнување меѓу семејството и пријателите. Тоа е една од првите одлуки што ги носиме како нови родители – и кога ќе го направиме тоа е лична одлука.

Многу родители сакаат да ги споделат среќните детали преку социјалните мрежи со слатки фотографии од новороденчето. Затоа може да е вистински удар ако некој ви ја украде славата и го направи тоа пред вие да имате шанса да го направите.

Замислете ако вашата мајка ја сподели оваа посебна објава за вашето бебе, и тоа не еднаш, туку постојано.

На популарната социјална мрежа „Редит“ една мајка се прашува дали е во право што ѝ забрани на својата мајка да објавува сè што е поврзано со бебето, откако во текот на првата бременост нејзината мајка си зела за право да го објави бебето на социјалните мрежи без нејзина согласност, а притоа го згрешила неговото средно име и се смеела подоцна на тоа.

– Имам тригодишен син и кога се роди, мајка ми нè фотографираше заедно, а потоа го објави неговото раѓање и неговото име, тежина и слично на нејзиниот фејсбук-профил пред јас да го направам тоа. Ова навистина ме вознемири. Чувствував како да е моја веста за споделување и ги мразев сликите што ги објави на кои сум јас, веднаш по породувањето. Јас ретко објавувам фотографии од моите деца на социјалните мрежи, освен ако не станува збор за голем животен настан. Исто така, објави и дека средното име на моето дете е Хенри (името на нејзиниот татко), а воопшто не беше – раскажува една редит-корисничка.

Кога подоцна ѝ рекла за сето ова, новопечената баба само се насмеала.

– Сега, за време на мојата втора бременост носам девојче. Избрав име, а таа знаеше кое име е и веднаш постави фотографија од скрининг од моето бебе и го објави името на „Фејсбук“ уште пред да се породам – продолжува жената.

Таа се прашува дали е неправедно ако ја изостави бабата од сè што е поврзано со бебето, вклучувајќи го и породувањето.

– Размислувам да изберам друго име бидејќи првото ми го уништи, но овој пат очигледно нема да ѝ кажам, за и тоа да не го објави. Исто така, нема да биде присутна кога ќе се породувам и размислувам да ѝ кажам дека се породив откако сама ќе објавам на социјалните мрежи. Дали ова ќе предизвика расправии, што мислите? – прашува жената.

Корисниците оставија стотици одговори за оваа вознемирена мајка, при што повеќето се согласуваат дека бабата ги преминала сите граници, иако многумина посочуваат дека е паметно да внимава со одлуката да ја изостави својата мајка од што било.

– Веројатно мајка ти ќе биде многу вознемирена ако биде изоставена. Претпоставувам дека причините поради кои објавувала на социјалните мрежи биле затоа што била премногу возбудена и горда на бебето, а не за да ти ја украде славата – вели еден корисник.

– Попрво сама би го објавила раѓањето на сопственото бебе и подоцна би се справила со реакцијата отколку некој да ми го украде тој момент и да се справам со незадоволство во текот на целиот мој живот – вели друг корисник.

– Тоа е твое бебе, твое право да го објавиш неговото раѓање и деталите. Ти си мајка на девојчето и не чувствувај се лошо зашто ги правиш работите онака како што сакаш – вели друг редит-корисник.

Но, можеби најпаметниот совет за оваа мајка е: – Мораш да престанеш да ѝ кажуваш работи што сметаш дека треба да останат тајна. За жал, треба да ја прифатиш онаква каква што е, наместо онаква каква што сакаш да биде.

Извор



912

X