Кога детето ќе дојде на свет, секој родител се надева дека ќе може да му го понуди најдобриот можен живот и да го води по тој пат. Љубовта кон децата може да ги натера родителите да направат сè за да ја осигурат нивната безбедност и среќа.

Ова особено важи за децата на кои им е потребна посебна грижа, како Кристијан Бауерс, момче со Даунов синдром, чија мајка направила нешто неверојатно за тој повеќе да не се чувствува сам.

Кристијан беше многу осамен

„Кристијан отсекогаш бил голем љубител на животот, секогаш се смешкал и се обидувал да направи другите да се чувствуваат подобро. Кристијан е дружељубив, а кога сме во јавност, тој ќе покани кого било да ни се придружи“ – вели неговата мајка Дона Хертер.

Еднаш излегле на пица, а тој повикал 15 градежни работници на маса да седнат со нив, а тие го сториле тоа. Бил воспитан со љубов и среќа, а тоа го обликувало во харизматичен млад човек кој сега има 24 години. Но, Кристијан има Даунов синдром и не му е секогаш лесно да се поврзе и да создава пријателства. За време на средношколските години Кристијан имал можност да склучи повеќе пријателства. Но, истите тие пријателства завршиле кога завршило и училиштето. Откако дипломирал, потребата од друштво му се зголемила уште повеќе, но никој од неговите пријатели не дошол кај него.

Неговата мајка се сеќава дека често прашувал: „Кога доаѓаат моите пријатели?“ Соочен со суровата реалност, Кристијан Бауер секој ден почнал да се чувствува сѐ поосамен.

-За време на викендите ги гледаше неговите постари сестри како се дружат со своите пријатели и присуствуваа на забави додека тој седеше сам – вели Дона.

Неговата мајка не можела само да стои и да гледа, па нашла решение за неговата осаменост

Дона очајно сакала да му помогне на својот син да ја надмине осаменоста. Како што таа тврди, скршеното срце кога гледате како вашето дете страда не се намалува со текот на времето… напротив, станува сè потешко. Дона морала да биде силна за двајца, за себе и за Кристијан, кој, како и другите момчиња на негова возраст, има многу желби.

„Кристијан има многу амбиции, како и неговите врсници. Ќе сака возачка дозвола, можеби ќе сака да се отсели, да се ожени и да има деца, но не е доволно функционален за да живее сам“, тажно признала неговата мајка. Дона сакала да го охрабри нејзиниот син да ги следи неговите интереси и хобија, бидејќи тоа може да бидат одлични начини за градење пријателства и наоѓање истомисленици. Но, во случајот на Кристијан, работите не биле толку едноставни, па таа решила да ги преземе работите во свои раце.

Дона и нејзиниот сопруг една вечер седеле околу масата и се обидувале да најдат решение за Кристијан, па им дошла идеја да објават порака на „Фејсбук“ и да понудат некому пари за да поминува време со Кристијан.

-Барам млад човек, помеѓу 20 и 28 години, кој сака да заработи дополнително. Два дена во месецот по 2 часа ќе ти платам да му бидеш пријател на син ми. Сѐ што треба да направиш е да седиш со него и да играте видеоигри заедно, во неговата соба. Ништо повеќе. Тој има 24 години и има Даунов синдром и нема пријатели на негова возраст – напишала мајката во објавата.

Изјавила и дека причината поради која дава пари за оваа услуга е за да има гаранција оти некој навистина ќе се појави, бидејќи како што вели, Кристијан имал многу луѓе кои му велеле дека ќе го посетат еден ден, а никогаш не го направиле тоа. Дона немала никакви очекувања кога го објавила огласот, но ден потоа била шокирана кога ја видела „поплавата“ од интеракции и пораки што ги добила. Многумина одговориле на сочувствителен начин, нудејќи дури и бесплатна помош и дружење. Мајката, исто така, била шокирана, кога видела колку родители имаат слични проблеми, па и тие разговараат со волонтери за градење пријателства.

„Сфатив дека ова не му се случува само на Кристијан“ – истакнала таа.
Кристијан сега е преплавен со љубов од многу нови пријатели. Кога бројот на покани се зголемил, Дона купила планер за да го испланира целиот распоред на собири.

„Едвај чекам да му кажам: Кристијан, имаш нов пријател кој сака да помине време со тебе“, рекла Дона. „Тој е толку возбуден што не ни поставува прашања“, додава мајката.

Фактот дека Кристијан конечно не е сам, за Дона значел повеќе од која било сума на пари. Всушност, таа била обвинувана дека го „продала“ своето дете, но таа решително одговорила на ваквите коментари.

„Освен ако немате дете со посебни потреби, нема да ја разберете болката низ која секојдневно поминуваат“ – рекла таа.

Сè на сè, трогателно е да се види дека оваа мајка и нејзиниот син успеале да најдат заедница на поединци кои ги поддржуваат и се спремни да се спријателат со нив. Тоа е потсетник дека во светот има добрина и сочувство и дека сите имаме корист од поврзувањето со другите. Кристијан постојано е опсипан со подароци и писма, но најмногу со љубовта кон странците кои стануваат негови пријатели.

„Љубовта што му ја покажуваат на нашиот син е неверојатна. Кристијан вели дека се чувствува како да е во рајот со своите пријатели. Со насмевка на лицето оди в кревет“ – среќно потенцира мајката.

Иако овој постојан проток на луѓе можеби нема да трае вечно, Дона е оптимист за иднината и она што е пред нив.

„Се надевам дека неколку од овие млади луѓе ќе сакаат да останат тука во годините што доаѓаат“ – искрено посакала мајката.

Автор: Ема Михановиќ

Извор



912

X