Им нема крај на обврските на мајките домаќинки. Тоа е една долга серија од сѐ и сешто, а кој не се соочил со тоа, не е свесен колку време и енергија одзема мајчинството. А вистинскиот збор прави чуда.
Ниту еднаш не се водело дебата за тоа дали е понапорно и потешко да се биде мајка која останува дома или мајка која работи со полно работно време. И секако дека е сосема непотребно да се расправаме за тоа, бидејќи секое семејство е случај за себе, секоја мајка, секоја работа, како и секое дете или деца. Едноставно е јасно дека нема правила.
Сепак, никој не може да го оспори фактот дека работата на домаќинката е навистина тешка и бара многу енергија. Можеме да се расправаме околу тоа дали е исклучително тешко или малку помалку тешко, но нема смисла да се споредува, ниту да се мери дали им е потешко на едни или на други. Факт е дека кога мајката е по цел ден со децата, кога прави сѐ што треба да се направи дома и се грижи за децата, тоа е многу напорна работа и во тој момент кога мажот ќе дојде дома, сѐ што сакате е некој да ви помогне, да ве замени, да преземе дел од нешто со кое се борите цел ден.
Мајката може тогаш, ако треба, да оди и на нива да работи, само малку да ја разбие монотонијата од денот… Сепак, не ѝ е потребно истото секој ден. Еден ден ѝ треба туширање, другиот ден некој да купи нешто за јадење или да зготви ручек, третиот ден треба некој да ги извади децата надвор…
Затоа Бет Ен Тише неодамна воодушевила многумина кога објавила видео во кое споделила прашање кое ја спасувало секој ден кога нејзиниот сопруг доаѓал дома. Многу мајки се согласиле дека ова е прашањето што ја прави разликата.
-Кога бев мајка на три деца помлади од три години пред неколку години, го открив прашањето што мојот сопруг требаше да ми го поставува секој ден кога ќе се врати дома од работа. Го замолив да ме прашува секогаш кога ќе дојде дома: „Што би ти било најкорисно во моментов?“ Интересно, но всушност многу мудро, нели? Затоа што не ви треба истото секој ден. Нема смисла да се врати дома и да ги мие садовите секој ден. Она што ми требаше најмногу зависеше целосно од денот. Сè уште го правиме тоа и години подоцна, бидејќи тоа многу помага – признала мајката Бет Ен.
Тоа е толку паметно прашање затоа што нашите потреби се менуваат во зависност од нашиот дневен распоред на активности, распоредот на задолженија или обврски и сè друго што може да се појави во текот на денот (што може да биде многу). Понекогаш е лесно да се прифати она што ви е омилено или најлесно, или кое сте навикнати да го правите. Како што напишала покрај нејзината објава:
-„Не, не треба да го косиш тревникот, душо!“ Мојот сопруг се обиде да биде корисен – но често она што тој го правеше не беше она што мене ми требаше. Можеби звучи едноставно, но кога тој ме праша „што би ми било најдобро и најкорисно да направам“, ми помогна да не се чувствувам како да го оптоварувам со барања.
Од голема помош ми беше тоа што го одведе моето најстаро дете во парк за јас да можам да ги дојам близнаците во тишина. Понекогаш беше многу корисно ако ги земеше сите деца, за јас да можам сама да се прошетам или да вечерам – напишала мајката.
Иако Тише тогаш била мајка која останува дома, денес не е така, но нејзиниот метод може да важи и денес. Таа го потврдува тоа:
-Денес сè уште си го поставуваме тоа прашање секојпат кога некој родител ќе се врати откако бил отсутен, бидејќи старателот кој бил „дежурен“ знае што се случува – посочила таа.
Комуникацијата е најважна во секое семејство, а ова прашање го потврдува тоа.
Автор: Наташа Крстичевиќ