Поради ситуацијата со Ковид-19 и жонглирањето меѓу работата и семејните одговорности, тековната пандемија предизвикува вознемиреност кај многу родители, а искуството на една мајка од Калифорнија резултира со судска постапка.
Дрисана Риос, мајка на две мали деца од Сан Диего, тврди дека била отпуштена затоа што нејзините деца биле гласни за време на конференциските повици додека таа работела од дома, па нејзините претпоставени биле уморни од тоа да се приспособуваат на нејзината ситуација.
Како и многумина што работат низ САД, и Риос морала да работи од дома и да се грижи за нејзините деца поради карантинот низ земјата. Таа работела како сметководител во компанијата „Ејч-ју-би интернешнл“ од август 2019 година. Во тужбата поднесена до Врховниот суд на округот Сан Диего, Риос тврди дека нејзиниот шеф бил фрустриран кога ги слушал децата додека таа работела со клиенти.
– Не можеме постојано да се приспособуваме на твојот распоред за работа. Не може да имаш повици со клиентите, а децата да бидат гласни. Ниту еден друг вработен во овој тим нема ваков проблем. Твојата улога значи дека треба да си присутна за нашите клиенти, така што треба да се погрижиш за твојата ситуација со децата – ѝ рекол нејзиниот шеф.
– Не знам што мислите под тоа: „Треба да се погрижиш за твојата ситуација со децата“. Сакате да ги заклучам в соба или нешто слично? Не можам да го направам тоа – му рекла таа, по што тој ѝ одговорил: – Снајди се.
Во инстаграм-пост Риос вели дека ѝ е доста од дискриминацијата од нејзиниот шеф, па проблемот го кажала во одделот за човечки ресурси.
– Работев деноноќно од дома додека ги гледав и моите две мали деца. Ги запазив сите рокови што ги побараа од мене, дури и нереалните – вели таа. Но, сепак, била отпуштена.
– Како една компанија што вели дека ги сфаќа вработените со мали деца и им дава флексибилно работно време за распоредот го прави токму спротивното со нивните постапки? Јас сум шокирана. Потрошив часови, солзи, пот, одложував да им дадам ужина на децата кога бараа бидејќи им бев потребна на шефовите за да завршам некоја работа веднаш – пишува таа.
Сега таа ја тужи компанијата за родова дискриминација, неправедно отпуштање и намерно нанесување емоционален стрес.
Портпаролот на „Ејч-ју-би интернешнл“ вели дека иако не може да коментира за оваа судска постапка, компанијата е горда што успешно префрлила 90 отсто од 12.000+ вработени на работа од дома за време на пандемијата.
Адвокатката на Риос, Дафне Делваукс, вели дека нејзиниот случај вклучува родова дискриминација затоа што менаџерот на Риос бил потолерантен кон вработен татко кој не добивал коментари за тоа дека неговите деца се дома.
– Ова е родова дискриминација. Дури и ако работодавецот генерално не ги дискриминира жените, сепак е незаконски да се дискриминираат одредени подгрупи жени (мајки). Тука, држејќи ја Риос на повисок стандард отколку татковците, компанијата ги дискриминирала жените. Оваа компанија ја казнува мајката затоа што има деца додека работи и тоа е олицетворение на пристрасност.
Кога Риос ја споделила вознемирувачката вест дека е отпуштена затоа што нејзините деца биле гласни за време на нејзиното работење од дома, многу родители ѝ дадоа поддршка.
– Читајќи го ова, крвта ми врие. Ми се смачи од начинот на кој се третираат нас, мајките. Биди силна и продолжи да се бориш! – напиша една читателка на објавата на Риос.
– Апсолутно бизарно. Се надевам дека ќе ја најдеш правдата што ја заслужуваш – искоментира друга.
Како што вели адвокатката на Риос, тужбата зазема став за сите мајки, велејќи: Повеќе не!
– Повеќе нема отпуштање на мајките, повеќе нема да се третираат полошо отколку мажите, повеќе нема да се срамат затоа што имаат деца, повеќе нема неосновани претпоставки дека тие се помалку посветени и помалку достапни, повеќе нема да не се почитуваат нивните деца, повеќе нема да се казнуваат мајките затоа што ја разоткриле незаконската дискриминација. Време е овие компании да прекинат со угнетувачкиот менаџмент што им овозможува да се извлечат толку долго време – вели Делваукс.
912