Мајчинството не е трка, но зошто често имам чувство дека сум последна на целта? Зошто имам чувство дека не сум доволно добра мајка?

Можеби причина е тоа што не успевам да ги „штиклирам“ сите обврски од мојата листа, или затоа што сум дозволила гледање цртани на ТВ, или затоа што денес не сум била доволно време со децата, или затоа што денес не е мој ден. Можам така да продолжам до недоглед. Многу фактори влијаат врз мене како мајка врз мене како сè друго што морам да бидам, а тоа е домаќинка, учителка итн.

Да се биде мајка не е само една работа – тоа е цел еден голем пакет на емоции, стравови, љубов, надеж, трпение и почит.

Да се биде мајка е навистина привилегија и не би го менувала тоа за ништо, но и мајките кога-тогаш имаат потреба од тајмаут. Им треба време за ресетирање и враќање на основата.

И зошто, кога сето тоа го знам, имам чувство дека не сум доволно добра мајка? Затоа што сум го кренала гласот, затоа што наместо зготвена вечера сум им намачкала крем, затоа што сум побегнала во тоалетот за да имам 5 минути мир или затоа што не ми е сè на место како на повеќето мајки на социјалните мрежи?

Мајчинството не смее да биде трка меѓу мајките, мајчинството треба да биде поттик и потпора.

Мајчинството не смее да биде наддавање со детските успеси, туку поттикнување и соработка. Мајчинството не смее да биде наддавање со безброј активности, туку поттик за барем една активност.

Во мајчинството не би требало да има негативни туѓи коментари или озборување бидејќи мајките заслужуваат потпора кога им е потребна. Заслужуваат да слушнат дека е во ред да се има лош ден, дека е во ред да се биде нервозен и дека е во ред да не се држат сите конци во рацете. Сето тоа е дел од мајчинството. Сето тоа е дел од магијата на мајчинството. Во ред е да се каже дека и на мајката ѝ треба одмор колку и да им изгледа тоа невозможно на некои.

Затоа, ако сè уште не си била, оди сама на тоа кафе што толку ти треба или направи нешто само за себе.

Автор: Сара Мајдак

Извор



912

X