Копнеев да најдам друга мајка со која би можела да се споредам и која би можела да ја прашам дали е ова нормално, без притоа да ме осудува. Некој што ќе ме разбира

Рејчел Гортон е мајка на две деца и стручњак за спиење, а неодамна во својата колумна за порталот Motherly пишуваше на темата вистински пријателства.
– Пред мајчинството, моите пријателства во голема мера беа одраз на мене како 23-годишна девојка. Имав голема група пријатели – луѓе со кои можев да излезам, да одам на кафе и да се дружам без посебно најавување. Никогаш не сум имала проблеми да создадам пријателства и каде и да сум била, секогаш сум се запознавала со некого бидејќи сум таква – дружељубива.
Неодамна сфатив дека тие пријателства биле јасен показател на она што беа мои приоритети – уживање во животот и забава.
Тоа има смисла за тој период од мојот живот, со оглед на тоа што бев сама. Но, откако тоа се промени и откако дознав дека сум бремена, почувствував голема промена во тие односи.

Со исклучок на мојата најдобра пријателка и неколкумина други со кои практично израснав, набрзо сфатив дека сите тие луѓе што ги нарекував пријатели, всушност, не му припаѓаат на тој опис.
И додека другите и натаму продолжија со возбудливите дружења и со патувањата на возбудливи дестинации, јас бев дома, со утрински мачнини и исцрпена.
Поканите и пораките набрзо станаа сè поретки, но сето тоа се случи во момент кога моите вистински и доживотни пријателства почнаа да сјаат повеќе од кога било.
Впрочем, тоа е период кога сите тие долгогодишни пријателства минуваат низ тест и кога почнав да ги ценам автентичните односи што ги имав. Во раното мајчинство, моето време и енергијата примарно беа насочени и истрошени на одгледувањето на малото живо суштество. Одеднаш сите нешта што некогаш ми биле важни почнаа да бледнеат и копнеев за пријатели кои ќе ме разберат и со кои ќе можам да се споредам.
Помислата на „правење драми“ и озборување ми стана исклучително непривлечна и на некој начин станав многу посвесна за луѓето што сум ги пропуштала во својот свет.
Копнеев да најдам друга мајка со која би можела да се споредам и која би можела да ја прашам дали е ова нормално без да ме осудува. Некој што ме разбира. Со оглед на тоа што со мајчинството, на некој начин, созреваш, мислам дека е природно да се приклонуваш кон другите со кои споделуваш слични чувства.
Сакаме и треба да се поврзуваме со другите што минуваат низ слично искуство како нашето. За да не се чувствуваме сами. За да се чувствуваме нормално. За да се чувствуваме вредно и сфатено.
Денес, бројот на моите пријатели се проретчи, но тие неколкумина се многу вредни.
Жените покрај мене се повеќе од пријателки. Плачеме, се смееме, си помагаме меѓусебно и се поддржуваме.
Тие жени ми праќаат пораки или ми се јавуваат само за да прашаат како сум.
Тие жени ми носат кафе без посебна причина.
Тие жени ми овозможуваат време за себе.
Тие жени му даваат предност на нашето пријателство за да го продлабочат нашиот однос.
Тие жени се обединуваат кога на некоја од нас ѝ треба помош.
Тие жени ги споделуваат своите приказни со мене – добри, лоши, моменти на славење и моменти на борба во мајчинството.
Тие жени ми се како ѕвезди водилки, ми даваат совети и ме инспирираат.
Тие жени минуваат низ еднакви предизвици и надојдени емоции од одгледувањето на децата и поради тоа ме разбираат. Разбираат кога ќе заборавам да одговорам на порака и разбираат кога сум преморена за да одам на јога.
Тие жени се моето село, моето семејство и ме научија како изгледаат вистинските пријателства.

 



912

X