Игротека

Мајчинството е тешко, но не како што си замислував

Секогаш се изненадував кога ги слушав новите мајки: „Не знаев дека ова ќе биде толку тешко!“ Навистина, кој мисли дека новороденчињата се лесни? Дали никогаш не биле во друштво на бебе? Тие постојано плачат, не спијат кога сакате да спијат, не можат да зборуваат, ниту сами да направат нешто. Сите го знаеме ова, нели?

Потоа станав мајка. Брзо открив дека е тешко, да, но не тешко на начинот на кој претпоставував кога тоа го велеа другите мајки.

Да не спиеш навечер е тешко, носењето детето в раце по цел ден е тешко, но она што е уште потешко се емоциите што доаѓаат со мајчинството. Оние емоции што мајките не ви ги кажуваат затоа што не можат да се опишат со зборови. Еден вид тешко што мора да се доживее за да се разбере.

Првото нешто со кое се борев беше дека немав план. Јас сум човек што сака да планира. Со оглед на тоа што сум тркач, навикната сум да следам план за тренирање што ќе ме одведе онаму каде што сакам да одам. Сакаш да трчаш маратон? Почни да трчаш многу километри, и за три месеци ќе стигнеш до посакуваната цел.

Прочитав голем број книги за бебиња и гледав многу распореди за бебиња со совети и трикови, па затоа мислев дека можам да следам еден вид план. Ха, ха!

Кога она што го прочитав не функционираше, кога Овен не правеше нешто според планот, се чувствував изгубено. Тоа е чувство што и понатаму го доживувам, иако поретко, но исто интензивно.

Навикнувањето да имате лабав план, како и фактот дека нешто што сте го правеле со недели одеднаш престанува да функционира без видлива причина е тешко и потребна е трпеливост.

Другото чувство што ме изненади беше погодувањето. Целиот живот слушав за мајчинскиот инстинкт и претпоставував дека ќе пристигне во целосна сила со раѓањето на мојот син. Наместо тоа, поминав месеци обидувајќи се да сфатам што му треба.

Многу пати кога тој ќе плачеше и мојот сопруг ќе прашаше: „Што му е? Да не е гладен?“, јас ќе речев само: „Не знам! Можеби?“ Беше фрустрирачки и поразително бидејќи не знаев дали сум на вистинскиот пат.

Кога моите родители ме посетуваа во текот на првите неколку недели, ја прашував мајка ми за основните рутински работи.

„Треба сега да го преслечам или да почекам додека да јаде?“

„Мислиш дека му треба капа?“

„Само што го надоив, можеби уште е гладен?“

„Дали сега треба да спие?“

Но, по некое време почнував да добивам самодоверба. Секогаш ќе бидат вклучени претпоставките и тоа не значи дека ти недостига мајчински инстинкт. Сè е проба, тестирање и грешки и ретко ќе добиеш повратна информација дека си го направил вистинскиот избор. Тешко е да се уверите дека ја правите вистинската работа.

Двата месеца по породувањето навистина ми беше тешко. Отидов на прошетка со бебето за да ми се разјаснат мислите. Кога се вратив дома, разговарав со мојот сопруг.

„Има огромна промена и двајцата ја доживуваме на различни начини“.

Се чинеше како да има целосно исклучување меѓу нас, што не мислам дека тој го чувствуваше исто силно како јас.

Неговото секојдневие се врати во нормала, а неговото тело беше исто. Јас, од друга страна, се грижев сама за новороденчето цели девет часа, во тело што сè уште заздравуваше од бременоста и царскиот рез.

Можеби ќе потрае подолго отколку што очекувате за повторно да се чувствувате како тим. Ми помогна отвореноста со партнерот и споделувањето на тие големи чувства што се појавуваат околу вашиот нов идентитет како мајка.

Ме фасцинира и нешто друго што открив дека е тешко. Многу пати во текот на еден ден чувствував две спротивставени и длабоки емоции. Така, на пример, додека му растеа заби на син ми, срцето ме болеше кога гледав колку го боли и сакав да му помине за да не ја чувствува, но истовремено едвај чекав да заспие за да можам да бидам сама и никој да не ме допира.

Рецептот за ова спојување на емоциите постојано се менува. Ќе чувствувате како да сте на луда железница, меѓу длабока љубов, вознемиреност, презаситеност, восхит и уште милион други чувства што никогаш не сте ги сретнале. Збунувачки е и неверојатно, а истовремено и тешко да се најде средина.

Мајчинството е тешко. Тешко е затоа што никогаш претходно не сте се сретнале со оваа улога, но исто така предизвикува радост што никогаш претходно не сте ја искусиле.

Автор: Саманта Келгрен

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top