Мајчиното млеко е повеќе од оброк – тоа е и часовник кој обезбедува информации за новороденчињата. Составот на млекото се менува во текот на денот, со тоа што млекото наутро има различен збир од состојки кои даваат енергија, за разлика од млекото кое се консумира навечер. Истражувачите веруваат дека оваа „хроно исхрана“ може да им помогне на новороденчињата во разликувањето на денот и ноќта, односно да го покрене нивниот внатрешен биолошки часовник.
Што се случува кога бебињата пијат млеко што не доаѓа директно од дојките, туку е извадено претходно во различни периоди од денот и ставено во шишенце? Научниците ретко ги земале предвид потенцијалните ефекти од ваквото млеко врз развојот на новороденчињата, но изгледа дека импликациите се долгорочни.
Психолозите Лора Глин, Керолин Стил и Керолин Бриксби креирале тим и ги истражувале потенцијалните докази за мајчиното млеко како показател на времето.
Спиењето, јадењето и нивоата на енергија покажуваат деноноќни ритми, што значи дека тие го следат дневниот циклус. Како што знае секој родител што одел спиејќи додека го хранел своето дете, новороденчињата не се родени со целосно регулирани ритми. Нивното чувство за денот и ноќта се развива во првите неколку недели и месеци од животот благодарение на сончевата светлина и темницата.
Некои бебиња покажуваат предвидувачки деноноќни флуктуации кај хормоните поврзани со свесност, спиење и апетит, а можат да спијат долги периоди многу брзо по раѓањето, додека други изгледа дека имаат дневни ритми кои се менуваат со месеци. Одложувањата во развојот на деноноќната биологија можат да го зголемат ризикот од колики и да доведат до проблеми со растењето и хранењето.
Но, научниците знаат многу малку за причината зошто деноноќната биологија е различна кај различни новороденчиња. Мајчиното млеко може да помогне во програмирањето на ритамот на детето, помагајќи во објаснувањето зошто некои родители на новороденчиња уживаат во долги ноќи исполнети со спиење, додека други се борат со распоредот на своите бебиња, мачејќи се со заспивањето.
Мајчиното млеко се менува драматично во текот на денот. На пример, нивоата на кортизол – хормон кој поттикнува свесност, се трипати повисоки во утринското млеко отколку во вечерното. Мелатонинот, кој поттикнува спиење и варење на храната, едвај може да се забележи во дневното млеко, но нивото се покачува навечер, а врвот го достигнува околу полноќ.
Вечерното млеко, исто така, содржи високи нивоа на одредени сегменти од ДНК кои помагаат во поттикнување на здравото спиење. Дневното млеко има многу поактивни аминокиселини отколку ноќното. Железото во млекото го достигнува врвот околу пладне, а витаминот Е навечер. Минералите како магнезиум, цинк, потасиум и содиум се највисоки во текот на утрото.
Дневното млеко може да овозможи специјален имунолошки удар. Меѓу мајките што им обезбедиле примероци од мајчино млеко на истражувачите во текот на првиот месец, имунолошките компоненти, вклучувајќи ги клучните антитела и белите крвни зрнца, се открило дека се на повисоко ниво наутро, во споредба со млекото навечер. Друга студија открила високи нивоа на компонента важна за имунолошкиот систем во дневното млеко, за разлика од вечерното.
Јасно е дека млекото се менува во текот на денот, но научниците знаат многу малку за тоа – што значи овој факт за развојот и здравјето на новороденчињата.
Истражувачите, сепак, знаат дека хормоните и имунолошките компоненти во мајчиното млеко се пренесуваат на новороденчињата и дека новороденчињата почнуваат да ги развиваат нивните сопствени распореди и деноноќни ритми во текот на првите месеци од животот. Разликите во распоредите за хранење кај новороденчињата можат да помогнат во објаснувањето зошто постои толкаво варирање во развојот на овие дневни распореди кај различни новороденчиња.
Во поголемиот дел од историјата мајчиното млеко можело да се консумира директно од градите, што значи дека млекото секогаш се внесувало квалитетно, во моментот кога се произведувало. Сега, со појавата на градни пумпи и фрижидери, тоа повеќе не е случај. Според анкета спроведена од 2005 до 2007 година, над 85 отсто од мајките што дојат во САД го вадат своето млеко преку пумпи.
Што се случува кога бебињата пијат ноќно млеко наутро или утринско млеко доцна попладне? Не е познато сигурно, бидејќи прашањето ретко било отворано како истражување. Нудењето шише со утринско млеко на новороденче во текот на вечерта, со своите високи нивоа на кортизол и ниски нивоа на мелатонин, може да биде еквивалент на палење на светлата токму пред спиење. Што значи дека во вакви случаи можно е децата повеќе да се борат со заспивањето, варењето на храната и сопствениот развој.
Се разбира дека има решение и за тоа. Мајките можат да го означат млекото со времето кога е тоа извадено од градите и да го координираат соодветно со распоредот на хранење на бебето.
Ако ова стане стандардна практика во ненонаталните центри, се смета дека илјадници новороденчиња ќе имаат придобивки од соодветното и навремено хранење со мајчиното млеко, односно да им се помогне да креираат сопствен распоред во денот и ноќта. Веќе се усвоени тактики како намалување на светлото во текот на вечерта, па навременото доење е следниот чекор.
Исто така, за да се спроведува соодветно и навремено доење на новороденчињата, потребно е и да се дозволува доење на самото место каде што се наоѓа мајката во моментот, со цел детето да добие млеко директно од градите, а мајката да не се грижи за организирањето на шишенцата со млеко поставени во фрижидерот. Од сето тоа здравствени придобивки имаат и децата и мајките.
Истражувачите продолжуваат да ја истражуваат улогата на мајчиното млеко и навременото хранење и поврзаноста со здравјето и развојот на новороденчињата. Ако давањето млеко навреме, односно директно од градите, се покаже како клучен начин за да им се помогне на децата да воспостават сопствен биоритам, тогаш јавното здравство ќе треба да креира соодветни политики за да ја поддржи мајката во намерата – првата година од животот на бебето да ја поминува дома.
Автори: Дарби Саксби и Џенифер Хан-Холбрук, психолози