Дури и ако цврсто верувате дека најважно е бебето да е сито, едноставно неоспорно е дека мајчиното млеко е супериорно во однос на кој било друг вид храна што некогаш ќе му ја дадете на вашето бебе. Од начинот како се приспособува на потребите на бебето, на неговите имунолошки сили, мајчиното млеко е веројатно најсупериорната храна во светот.

Неверојатно е тоа што телото на мајката е способно да произведе една таква магична супстанција која за детето е многу повеќе од обична храна. Тоа е и еден доказ за природната мајчина интуиција за нејзиното дете. Тоа што нејзиното тело го произведува она што му е потребно на нејзиното дете веројатно е најмоќниот процес што го создала природата.

Еве што науката има да каже за мајчиното млеко:

1. Мајчиното млеко се приспособува на полот на бебето

Истражувањата покажаа дека млекото на иста мајка варира и се менува во зависност од тоа дали дои момче или девојче. Поточно, млекото произведено од мајка што дои девојче е генерално помалку масно и помалку богато со протеини отколку кога дои момче. Она што е уште поневеројатно е дека ова приспособување кон полот на детето варира во зависност од културата. На пример, во Кенија мајките произведуваат млеко со повисок квалитет за девојчиња. Истражувачите хипотезираат дека причината лежи во тоа што девојчињата имаат шанса да го подобрат имиџот и состојбата на семејството ако добро се омажат.

2. Составот на мајчиното млеко се менува додека расте бебето

Тоа ќе ви го каже секоја мајка што доела. Млекото од првите денови не е исто со она што доаѓа по едномесечно или двомесечно доење. И овие промени продолжуваат да се случуваат како што расте бебето. Според истражување објавено во познатото списание „Педијатрикс“, маснотиите и енергијата што ги содржи одредена количина млеко од мајки на едногодишни деца е далеку поголема од маснотијата и калориската вредност во иста количина млеко од мајките што дојат помали бебиња.

3. Кога бебето е болно, мајчиното млеко исто така произведува антитела

Кога се разболуваме, бројот на леукоцитите е во пораст како резултат на реакцијата на имунолошкиот систем. Ако бебето што се дои е болно, млекото на мајката ќе има поголем број леукоцити од вообичаеното. Уште поневеројатна е теоријата за тоа како се случува ова: иако не е докажано, постојат причини поради кои научниците веруваат дека од устата на бебето, преку брадавицата на мајката, патува информацијата дека на бебето му е потребна помош, повеќе антитела за да се справи со обичната настинка.

Една мајка се сликала со своето млеко што го произвела додека нејзиното бебе било болно, и на „Фејсбук“ објави фотографија со коментар дека е неверојатно колку млекото личи на колострум – првото млеко што го добива мајката, кое изобилува со леукоцити и антитела. Како што и самата додала: „Прилично неверојатно, нели?“

4. Доењето го намалува ризикот од некои болести

Истражувањата неоспорно докажаа дека новороденчињата растат со помали шанси да страдаат од астма или да имаат проблем со алергија. Неодамнешно истражување открива дека човечките протеини што се наоѓаат во мајчиното млеко можат да помогнат во борбата против ракот.

5. Мајчиното млеко е специјално „дизајнирано“ за нашите бебиња

Иако сите мајки-цицачи произведуваат олигосахариди во нивното млеко, човечките мајки се суперпроизводители на олигосахариди. Дури и повеќе од 200 вида. Неверојатно во целата таа приказна е тоа што нашите бебиња дури и не можат да сварат толку многу едноставен шеќер.

Но, иако бебињата не можат директно да ги варат олигосахаридите, истражувањата покажуваат дека нивното присуство во млекото ја подобрува продуктивноста на дигестивниот систем, дополнително им помага на бебињата многу поефикасно да го сварат протеинот, како и другите форми на енергија.

Следејќи го овој процес, научниците што ја истражуваат еволуцијата тврдат дека мајките (целосно несвесно) вложуваат енергија во производство на олигосахариди за да им дадат на бебињата повеќе енергија за да го развијат својот интелект.

6. Мајчиното млеко се менува во текот на ноќта за подобар сон на бебето

Мајчиното млеко произведено во текот на ноќта има повисоки нивоа на нуклеотиди кои предизвикуваат сон отколку во текот на денот.

Иако доењето не е лесно, особено во периодот кога се воспоставува, моќта на секоја мајка лежи во фактот дека не само што му помага на бебето да расте со најдобрата храна во светот туку произведува и нешто навистина уникатно и магично!

Извор



912

X