Дијареја, повраќање и абдоминални болки кај децата може да се знак за инфекција со коронавирус, велат истражувачите од Велика Британија. Тим од Кралскиот универзитет во Белфаст ги проучувал овие појави кај децата и заклучил дека овие симптоми може да се додадат во листата со симптоми на Ковид-19. Во моментов, официјално признатите симптоми во Велика Британија се треска, кашлица и губење на мирисот или вкусот. Секој што го чувствува тоа треба да се изолира и да се тестира.

Американскиот центар за контрола на заразни болести веќе ги додаде мачнината, повраќањето и дијарејата како симптоми за Ковид-19.

Во истражувањето речиси 1.000 деца дале крв за анализи за да се види дали неодамна имале присуство на коронавирус. Резултатите откриле 68 од 992 деца што имале антитела на вирусот, што значи дека тие биле инфицирани со Sars-Cov-2 во одреден момент. Половина од тие што биле позитивни пријавиле дека имаат симптоми. Треската била најчеста – пријавена од 21 од 68 деца што биле позитивни за антитела за коронавирус. Кашлицата исто така била вообичаена, но помалку специфична, бидејќи била пријавена како вообичаена и кај децата што биле негативни.

Гастроинтестиналните симптоми – како дијареја, повраќање и абдоминални болки биле пријавени од 13 од 68 деца со антитела и се заклучило дека во значителна мера тоа е поврзано со инфекцијата од коронавирусот. Губењето на мирисот или вкусот е помалку застапен симптом – бил пријавен само од 6 деца со антитела. Никое од децата во студијата не било сериозно болно и немало потреба да биде примено и лекувано во болнички услови.

Водечкиот истражувач д-р Том Ватерфилд истакнал: „Знаеме дека, за среќа, повеќето деца што го добиваат вирусот нема да бидат многу болни, но сè уште не знаеме колку децата можат да го шират“. Во студијата, тестирањето само на оние деца со треска, кашлица или промени во мирисот или вкусот идентификувало 26 од 34, или 76 проценти од симптоматичните случаи.

Гастроинтестиналните симптоми би ги идентификувале речиси сите – 33 од 34 или 97 проценти од симптоматичните случаи, објаснува Вотерфилд. „Откриваме дека дијарејата и повраќањето се симптоми пријавени од некои деца и сметаме дека додавањето на овие познати симптоми на листата е вредно за земање предвид“, вели д-р Вотерфилд.

Претставникот на одделот на здравство и социјална грижа истакнал: „Група експерти-научници ги разгледуваат симптомите на Ковид-19, како што го трасираме патот кон разбирање на вирусот. Секој во Англија што ги искусува главните симптоми на коронавирус – висока температура, нова продолжена кашлица, или губиток или промена на сетилото за мирис или вкус – треба да се тестира колку што е можно побрзо“.

Автор: Мишел Робертс

Извор



912

X