Постојат одредени околности кои може да предизвикаат грижа кога е во прашање чувањето животни во домот – без разлика дали е во прашање мачка, куче или птица – додека сте во исчекување на доаѓањето на нов член на семејството.
Како да се однесувате кога имате мачка, а планирате бременост?
Ако имате мачка како домашно милениче, можно е пренесување на токсоплазмоза. Таа болест претставува потенцијално висок ризик за вашето бебе, со сериозни последици. Задолжително известете го својот лекар дека планирате бременост и дека имате мачка во домот.
Како се пренесува инфекцијата?
Инфекцијата се пренесува преку мачешкиот измет. Мачките што седат надвор има далеку поголема веројатност да бидат заразени, за разлика од оние што седат дома. Инаку, тие се заразуваат преку сирово месо или незготвено млеко. Тогаш во цревата на мачките се развива споменатиот паразит и преку измет исфрла голем број јајца кои се заразни за луѓето. На тој начин заразата може да се пренесе и на други животни.
Може ли претходен контакт со оваа зараза да биде штетен?
Ако жената е имуна на токсоплазмоза пред бременоста, тогаш нема опасност за бебето. 10-15 отсто од жените стекнале имунитет на токсоплазмоза, што значи дека претходно биле заразени и дека се создале антитела против овој паразит. Имунитетот е практично доживотен. Во спротивно, добар совет е во текот на бременоста или непосредно претходно да не доведувате нова мачка во домот.
Може ли жената да биде заразена со паразитот пред бременоста, а да не знае?
Акутната фаза од заразата е слична на вироза или на грип, па така голем број луѓе не знаат дека имале токсоплазмоза. Доколку пред планираната бременост се открие акутна фаза, што значи дека болеста настанала непосредно или во текот на испитувањето, тогаш се даваат макролидни антибиотици.
Колкав е ризикот за бременоста ако се добие токсоплазмоза?
Ако трудницата заболи помеѓу 10. и 24. недела од бременоста, тогаш ризикот од сериозни проблеми за новороденчето е од 5 до 6 отсто.
Кои се најчести последици од токсоплазмоза?
За жал, тие се многу сериозни. Да тргнеме од најлесните, како што е мала породилна тежина, жолтица и треска, па до тешките, како што се абнормалности на мрежницата на окото, слепило, ментална ретардација, промена на димензијата на главата, конвулзија и класификација на мозокот.
Колкава е опасноста од оваа зараза во третото тримесечје од бременоста?
Во последните три месеци од бременоста опасноста од инфекции е значајна. Од друга страна, опасноста од оштетување на фетусот е мала бидејќи сите органи се веќе развиени, што е поволна околност.
Каде е најголемата изложеност на мачешкиот измет?
Обично тоа е во дворот каде што мачката го закопува својот измет или кога го менувате нејзиниот песок каде што врши нужда. Дури и прашината од нејзината корпа за спиење може да содржи причинители на оваа болест.
Кон кои упатства треба да се придржувате и што да се преземе за бременоста да помине без компликации?
Ако имате мачка и планирате бременост, тогаш секако направете имунолошки тестови на токсоплазмоза. Тестовите се прават со земање примероци крв.

Кои мерки на заштита треба да се преземат?
За време на уредување на градината и дворот, задолжително користете заштитни ракавици. Средувањето на корпата од мачката, како и чистењето на нејзиниот песок, препуштете го на некој друг член од семејството. Кога ќе дојдете дома со новороденчето, не оставајте ја мачката сама со бебето без надзор.
Што се случува кога имате куче, а сте бремени?
Чувањето куче не претставува здравствен ризик за вас и развојот на вашето бебе во текот на целата бременост. Може само да биде непријатно ако имате големо куче, кое играјќи си, може да скокне на вашиот стомак додека седите или лежите. Ако има такви навики, почнете да го превоспитувате за повеќе да не го прави тоа.
Постои ли опасност за бременоста ако домашниот миленик е птица?
Птиците може да бидат заразени со кламидија, паразити, вируси и уште некои бактерии. Доколку птицата е здрава, што значи дека ветеринарот ги извршил сите испитувања, тогаш можете да бидете безгрижни. Што и да правите со птицата или кафезот, задолжително измијте ги рацете со сапун и топла вода. Најдобро би било чистењето на кафезот да го препуштите на друг член од семејството.
Автор: Луција Богданиќ