Нежното родителство е прекрасен стил на родителство, несомнено. Нема апсолутно ништо лошо во тоа да се биде нежен со децата, бидејќи токму така треба да биде сè кога станува збор за децата – нежно. Родителите се тука за да им обезбедат на децата нежност, сигурност и воспитување… По долг период на строги, анархични и слични стилови на родителство, нежниот стил дојде како мелем за раните на многумина кои беа воспитани со тие строги стилови, па, сосема очекувано, тие го прифатија нежното родителство со раширени раце.
И потоа го доведоа до некои пропорции што не беа планирани да ги достигнат. Некаде по патот, во текот на една или две генерации, нежното родителство се претвори во нешто што професијата повеќе не може да го оправда или препорача без страв.
Очигледно некаде сме скршнале од патот и неправилно сме го практикувале тој вид родителство
Токму ова го покажува примерот на мајка која објавила текст на платформата „Редит“ со едноставен и искрен наслов: „Нежното родителство го претвори моето дете во разгалено дете“. И што вели оваа мајка? Пред раѓањето на нивното сега петгодишно дете, таа и нејзиниот сопруг знаеле дека сакаат да бидат нежни родители и навистина ги истражувале најновите теории и стратегии за дисциплина и емоционален развој.
Затоа се обиделе да го сторат истото кога станале родители. Но, во еден момент забележале дека однесувањето на детето излегува од контрола и дека станува сè понепослушно.
-Во текот на изминатата година, неговото однесување се влоши. Нападите на бес се постојани или поинтензивни, и секогаш кога не го добива она што го сака, се јавува деструктивно однесување. Се обидов да бидам цврста, но љубезна, дозволувајќи му да ги „почувствува“ своите емоции и секогаш обидувајќи се да разговарам за тоа како можеме да се справиме подобро следниот пат кога ќе се смири. Ништо не успеа – споделила таа.
“Gentle parenting” turned my child into an a-hole
byu/pb_and_s inParenting
Ова сознание ги поттикнало да почнат да се однесуваат малку построго, или поточно да постават малку построги граници во однос на однесувањето на детето. По еден инцидент, тие му ги одзеле сите привилегии на детето – екрани, шеќер, грицки и некои играчки. По овој потег, тие забележале позитивна промена во однесувањето на детето.
-И покрај тоа што сега се чувствувам како вештерка, почнувам да мислам дека нежното родителство е еден куп глупости и дека требаше да бидеме поавторитативни од самиот почеток – напишала мајката во својата објава, која сè уште не е сосема сигурна во својата одлука, но ја гледа како да оди во вистинската насока.
Дали нежното родителство е правилно и дали авторката на објавата погрешно разбрала што претставува овој стил? Имено, експертите често истакнуваат дека нежното родителство често се меша со попустливо родителство – пристап во кој на децата им е оставено сами да ги поставуваат правилата, а родителите се премногу попустливи за да кажат „не“. Кога се прави правилно, нежното родителство може да биде многу добар стил на родителство, добар начин за поврзување со децата што води кон емоционална поврзаност, развој на емпатија и разбирање.
-Попустливото родителство може да вклучува избегнување конфликти и дозволување непожелно, па дури и небезбедно однесување, честопати затоа што родителот е премногу исплашен или загрижен да не го вознемири своето дете. Всушност, важно е да ви е јасно со вашиот нежен пристап кон родителството дека заземате лидерски став во вашиот стил на родителство, а не авторитарен или дури и попустлив пристап, како што би можел да сугерира зборот „нежен“ – вели психологот д-р Елина Телфорд.
Поентата е дека е важно да се наметнат границите што знаеме дека им се потребни на децата, на начин што нема целосно да ги отфрла чувствата на детето. Ова значи дека однесувањето на детето не го гледаме како пркос, туку како комуникација. Сепак, ова не значи дека нема последици или дека однесувањето е оправдано.
-Тоа значи дека возрасен човек поставува граница, а во исто време искрено се грижи за своето дете. Границите се тука, но се поставени со емпатија и без казна – додала таа.
Она за што се согласуваат експертите е дека нежното родителство и границите се на иста страна и дел од истиот стил на родителство.
Автор: Наташа Крстичевиќ